Да се рекламираа книгите и нивните преводи како холивудски ТВ серии (што ретко се случува, особено не на Балканот), неколку работи ќе требаше да следат по излегувањето на Сезона 1 од онаа за сестрите Палавееви. Првиот услов беше таа да заврши со „клифхенгер“, кој остава во поткренато расположение и поттикнува адреналинска глад за уште. Наскоро ќе требаше да се појават тизери за содржината на втората сезона, со брзо монтирани сцени кои ја скокоткаат љубопитноста, но не прават спојлери. Ќе се објавуваа интервјуа со авторот во кои водителите ќе зборуваа за пишувањето низ метафорите на готвење („нешто ново се крчка во кујната на Попов“), и мудро ќе ги формулираа прашањата така за „да не откриваме премногу за публиката“. По таквото подгревање на атмосферата, одеднаш ќе беа исфрлени десет нови епизоди, кои фановите на Палавееви ќе ги „избинџаа“ за еден викенд. Машината повторно ќе почнеше да врти, за сезона 3.
Првиот дел од „Сестрите Палавееви“ ја прочитав на српски во 2017. Тој на македонски излезе во 2019, а вториот една година подоцна. Кога неодамна ја добив, таква полничка (од скоро 500-те страници) и заруменета (од црвените тонови на корицата), првата реакција ми беше да ја ставам на дното на купот „за читање“, опасно накривен како скопска новоградба. Пред тоа сепак ја отворив, само нешто да ѕирнам...
Еден викенд подоцна, сезона 2 беше изгледана. И ова, во контекст на начинот на кој пишува Попов, не е случајно одбран глагол. „Сестрите Палавееви“ толку лесно се читаат, што е како да се гледаат - крајно филмични, тие следат добро разбран алгоритам, базиран на човечката потреба за раскажување низ слики. Подвижни се, затоа што е таков и текстот, како оние тефтерчиња во кои кога забрзано се листаат цртежите како да оживуваат. И нема многу врска дали сезона 1 си ја завршил завчера или пред четири години.
Таа прва книга, „Сестрите Палавееви во бурата на историјата“, за која претходно пишувавме тука, навистина заврши со „клифхенгер“. Како во митолошка матрица, близначките на почетокот на вториот дел се раздвоени, а како во шпанска серија, памтењето на едната загубено. Нивните патишта кон тој замислен свет од насловот најпрвин се рачваат на две засебни нарации, потоа и самите се разгрануваат, и во себе почнуваат да ги вклучуваат сите парадокси, контроверзи и неочекувани пресврти на периодот при крајот и по завршувањето на Втората светска војна на Балканот. Дел од дејството сега се одвива во некогашна воена Југославија (и во иста таква Македонија), а деталите околу топонимите, микро-историските настани и ликови се многу почести и очигледно детално истражувани. До таму што ако авторот ви каже дека „во подножјето на камена бездна, крај црните води на длабока река, има стари рудници за сребро на крал Стефан Урош во кои се криеле партизаните“, сакате да верувате дека Попов навистина бил таму, па дури и дека преспал една вечер во дупката, надуван халуцинирајќи за Мирко и Славко, и за Снежана (новото партизанско име на Јара) и нејзините партизански џуџиња.
Ако првата книга беше сатирична, оваа е веќе отворено дрска, а спомнатата инвестиција во сериозноста на зафрканцијата ѝ дава легитимитет да биде таква. Има тука и конкретни имиња, но и модели-ликови на политички вртикапи, предавници, вождови, опортунисти, искрени и крајно наивни револуционери, но и ситни души и малограѓани, чија улога во историските превирања не е ни малку занемарлива. Сите тие го вртат стереотипното „тркало на историјата“, кое всушност воопшто не е геометриски тркалезно, туку повеќе наликува на некаква апстрактна геометриска форма, која де се оптегнува како долга отсечка, де се претвора во паралелопипед со нееднакви страни. Човекот на Попов оттаму не е оној на Витрувиј, со раширени раце и совршени димензии вграден во непрекинат круг, туку повеќе наликува на Пикасов портрет, чии црти зависат од аголот на набљудување.
Како и водителите на само чекор од Пулицер, и ние ќе се воздржиме од тоа да откриваме детали. Доволно е да се каже дека Јара и Кара се приморани неколкукратно да си го променат идентитетот, да научат да убиваат не само со шмајзер туку и со сребрено пенкало, да даваат сексуални услуги на соборци и „другари“, и откако конечно ќе станат супер-херои да сфатат дека и тие, како и сето минато, можат со притискање на само едно копче да пламнат во „комплексната повеќенаменска печка КМП-9“ чија цел е уништување документи во вонредни околности. Едната од нив се наоѓа во советската амбасада во Британија, што е автореферентен момент на претходна книга на Попов, „Мисија Лондон“. Неговите „Сестри Палавееви“ го содржат она што оваа печка не го изгорела, ниту пак може да го изгори - здравиот однос кон историјата.
Илина, Букбокс