Букбокс читанка

„ПРОБЛЕМОТ НА ИРОНИЈАТА“ од Џонатан Лир

Оние кои популарно пишуваат за иронијата, а сепак сакаат да ја доловат нејзината сложеност и филозофска повеќеслојност, обично ја цитираат сцената од Reality Bites, познатата романтична комедија од деведесетите, кога Винона Рајдер во интервју за работа треба да одговори на прашањето „Што е тоа иронија?".

„Па..", вели таа, „не можам баш да ја дефинирам, ама кога ја има, ја препознавам". Моќта на интуитивното регистрирање на иронијата, и нејзиното прецизно издвојување од широкиот спектар на реторички алатки, е сепак преценета. Често пати како иронични толкуваме изјави и ситуации кои воопшто не се такви, барем според академската дефиниција на иронијата, која вообичаено подразбира контрадикција помеѓу она што се кажува и она што навистина се мисли. Но тоа е само една од најмалку трите можни употреби на иронијата, кои ќе се обидеме да ги систематизираме на следниов начин:

Вербална иронија, или споменатото „едно мислам, друго (намерно спротивно) кажувам". Целта е соговорникот сепак да ни ја сфати намерата, и покрај тоа што таа е реторички прикриена. Несфатената иронија е како неуспешен виц – џабе е ако треба да ја објаснуваш.

Втора можна употреба е „драмската" – кога публиката знае нешто што личностите во одредена претстава, филм, па и во секојдневниот живот, не го знаат, и им фаќа сеир.

„Ситуациска" иронија е кога се случува нешто сосема спротивно од очекуваното – заради погрешна проценка, превидување факти или просто заради одреден стек на околности (како во изразот „иронија на судбината").

Џонатан Лир, авторот на „Проблемот на иронијата" (Harvard University Press, октомври, 2011) се обидува да го врати овој феномен на неговите филозофски и психоаналитички извори – онаков каков што бил толкуван и применуван од Сократ, преку Кјеркегор, до Линколн. Она што денес го дефинираме како иронија, според Лир, е само етимолошки блиско до грчкото eironeia, кое подразбира симулација на незнаење и некаков сомнеж во сопствените претпоставки, чие намерно „извртување" може да доведе до нови откритија, за себе, животот и светот. Иронијата оттаму е реторичко средство кое би требало да биде насочено пред се' кон нас самите, кон преиспитување на нашите, но и кон вршење суптилно влијание врз туѓите ставови, не преку кажување на нешто што е спротивно, туку преку кажување на нешто помалку од она што навистина го мислиме, притоа оставајќи можност соговорникот да ги пополни празните места кои сме му го оставиле.

Има луѓе на кои иронијата им е базичен начин на комуникација, со или без просветителската нота – доколку се ујдисаат двајца такви во муабет, под услов да се благонаклоно расположени, тој делува како добро воигран валцер, во кои празнините оставени од едниот веднаш луцидно се пополнуваат од другиот. Ако се ујдисаат повеќе од двајца такви, е тогаш е време за пајдушко. Велат дека иронијата, исто како и софистицираниот смисол за хумор, бара интелигентни соговорници, кои знаат да си играат со зборовите и ставовите како да се играчки, но изработени од скапоцен кинески порцелан. Така играта на ироничните форхенди, лупови и асови станува сериозен потфат, во кој една грубо пласирана топка ја крши играчката, и ја запира играта. Некои сметаат дека ваквата (не)способност зависи дури и од националната припадност и од менталитетот – Американците наводно биле тапа за иронија, бидејќи поотвoрено го искажувале она што го мислеле и тоа и го очекувале од другите, додека интровертните Британци, за да го кажат она што навистина го мислат, мораат прво да го кажат – спротивното.

Секојдневното користење на дискурсот на иронијата прави цели генерации да сметаат дека тоа е „нормална" комуникација, и да имаат проблем со оние од други култури и средини за кои нормално е токму обратното. Македонците се цареви за иронија, но повеќе во смисла на заебавање, отколку некаков рамноправен дијалог и просветлување на соговорникот. Доволно сме итри во играњето со идеи и зборови, но во социјалната комуникација важна е и мотивацијата, а таа нам најчесто ни се сведува на интелектуално толчење на „противникот", негово фрлање во лавата без заштитен оклоп. Отприлика исто како Џон Стујарт кога ги ренда и толчи американските политичари..но тоа е сепак само Daily Show, не и реален живот.

Следниот пат кога ќе ја слушате Ironic на Аланис Морисет обидете се да ги детектирате местата кои се навистина иронични – од 11 обиди за иронија ние избројавме едвај 2,5. Ако ви врне на свадба, тоа може да е и само коинциденција. Ако добиете на лотарија на 98 години, и следниот ден умрете, тоа е несреќа, во среќа. Ако го сретнете човекот на вашите сништа, а веднаш потоа и неговата фина сопруга, тоа е заеб. Најиронично е што Аланис можеби намерно напишала песна за иронијата, која не содржи никаква иронија. Дали навистина можете, како што тврди Винона, секогаш да ја препознаете кога ќе ја видите?

Поздрав до моите блиски Irony-men&women, со кои е задоволство да се практикува оваа вештина...

Извор на илустраците: Оатмил

* * *
Добитник на наградата – примерок од „Валден" од претходниот пост е Андреј Минчевски. Неговиот предлог за најдобро место во Македонија за самоизолација од цивилизацијата е селото Вртешка, Штипско. Еве го неговото образложение:

"Razmisluvam za edna godina prezivuvanje' vo selo Vrteshka (Shtipsko). Toa e selo koe i vo Shtip ne znaat deka postoi, a starite koi znaele imale pogovorka t.e. uzreccica za odredena situacija "E dobro de, ne sum od Vrteshka"'(demek 'ne sum od vcera').

Planinar sum, pa slucajno go otkriv, vo blizina na istoimeniot planinarski dom na Pljacckovica. Smesteno na eden strmna padina (nasproti koja ima usste edna takva strmna padina, formirajki dolu malu kanjoncce so reka).

Idilata e vo shumskite plodovi, vkusnite lisiccarki i vrganji na zhar od shumata, odgleduvanje na kompiri, peccenje leb so furna, mleko od koza... lugje ima nekoi stari vo narodni nossii i toa nekolkumina samo preku leto... zimata bi bila vistinski predizvik otkako ke se soberam bogatite plodovi na esenta. Kako ednogodissna avantura bi bilo sovrsseno !!! ;-)

Povekje kukji se napusteni, pa moze da se iznajmat za simboliccna cena za godina dena. Od Stip do pola nataka ima asfalt, posle do Vrtesska e zemjen pat... samo za dzip.

Tocnite GPS koordinati se:

41 (stepen) 45 (minuti) 34,51 (sekunda) N
22 (stepeni) 25 (minuti) 06,04 (sekundi) E
1060 metri nadmorska visina (kako na vrvot na Vodno)"

23 ноември 2011 - 00:00