Водени од математичко–географска логика, Треќиќ на карта ќе го најдете лесно – веднаш до Првиќ и Другиќ. Одделени со непрегледна морска површина наместо со селски плот, овие микроскопски, и-не-толку-измислени острови во Јадранското море се како тројца скарани браќа од приказните. Но додека до првите два централната власт успеала да ги испружи своите долги пипала, и да воспостави каква–таква локална управа, Треќиќ, како најмалиот брат – ќелешот – успева да одолее на колонизаторските притисоци. Синиша Месјак, инаку млад и перспективен политичар, по скандал со малолетна проститутка е испратен (читај: 'привремено отстранет') од неговиот партиски шеф и премиер во оваа недојдија, како „осмиот повереник" на владата на Република Хрватска. После седум неуспешни мисии на неговите претходници, тој добива задача да ги убеди локалците кои со генерации живеат без струја, вода, траект, телефон и Фејсбук, дека формирањето политички партии и организирањето локални избори, кои ќе им обезбедат претставник во Парламентот, им е врвен животен приоритет.
Апсурдните ситуации започнуваат уште при стапнувањето на повереникот на островот. 'Домородците' не само што манифестираат типична пасивна агресивност, туку како за инает зборуваат и на сосема неразбирлив дијалект – мешавина на хрватски, италијански и дијаспорско англиски. Лингвистички, емоционално и политички недостапни, тие стрпливо ја повторуваат успешно применетата стратегија со претходните повереници: ги бојкотираат неговите иницијативи, не доаѓаат на закажаните средби, по цел ден играат карти и со нетрпение ја чекаат неделната испорака на 'добра' преку единствената редовна трговска линија – италијанските шверцери.
Синиша минува низ палета психолошки состојби, од почетен ентузијазам, очај, рамнодушност, преку емпатија и солидарност, до целосна припадност кон претходно омразениот контекст. Интелигентен и љубопитен, тој во дневникот систематски ги забележува неверојатните животни приказни на жителите на Треќиќ, кои полека но сигурно од 'субјекти' (потенцијални гласачи, симпатизери, поданици) му стануваат пријатели. Домаќинот и 'преведувач' Тонино и неговиот парализиран татко, сомнителниот Босанец Селим Ферхатовиќ кој се декларира како прв другар на папата и на Бин Ладен, порно-глумицата Зехра со уметничко име „Похотна мрвица", абориџинката Муона дојдена од Австралија како жена на локален печалбар - сите тие се крајно необични, но и крајно хумани ликови во оваа сатира, онолку топла колку што може да биде јули на Треќиќ.
Островскиот контекст во уметноста е честа метафора за примитивните, изолирани или утописки микро-општества. Иако како асоцијација на сопствената книга Баретиќ во романот го цитира филмот „Медитеранео" на Габриел Салваторе, мене тој повеќе ми асоцираше на еден друг - „Вода" со Мајкл Кејн. Кејн е повереник на Британската влада на островот Каскара, некаде во Карибите, заборавен од неговите надредени исто како и самиот остров, се' до моментот кога таму не се пронајде извор на минерална вода. Одеднаш и Британците, но и Американците, Кубанците, Французите, како и локалните бунтовници се заинтересирани. И британскиот 'губернатор' и ликот на Баретиќ почнуваат како подржувачи на системот, а завршуваат како негови агилни противници. Кејн почнува да се залага за независност на Каскара, а Синиша Месјак не се враќа во Големиот град со премиерот и бившата љубовница, кои конечно доаѓаат да го посетат, туку на крајот од романот ги испраќа со локалниот поздрав „Венго цој", можен код за „збогум и да не ве видам веќе".
Освен како очигледна политичка сатира, „Осмиот повереник" треба да се препорачува и како обврзно антрополошко четиво. Она што го прави Месјак е токму тоа, антрополошко набљудување со учество, разгатнување на сложените социјални односи, запознавање со локалните обичаи, обид да се стекне довербата и да се биде третиран не како туѓинец туку како „свој". Голем број од раните антрополози и не биле ништо друго туку повереници, па дури и платеници на центрите на моќ. Некои од нив не се вратиле од нивните мисии. Можеби останале под ново, локално име, испирсани и тетовирани, во сладострастие со локалната „мрвица", на некој полинезиски остров. Нашите амбициозни млади политичари не мора да се казнуваат со организирање локални избори во некоја недојдија. Доволно е да им се даде задача да спроведат фер и демократски избор на претседател на куќен совет во која и да е од нашите скопски (и не само скопски) повеќекатници. Дури тогаш ќе посакаат да се на Треќиќ...
„Осмиот повереник" (во македонски превод во издание на „Култура“) е идеална како подарок, за млади и амбициозни „спроведувачи на реформи", како и за трагачи по возбуди. Првите за да знаат што може да ги очекува на нивниот мисионерски пат, вторите за 'авантурата' да ја бараат и на навидум здодевните места. Таа е исто така одлична за пријатели кои ви се во болница, бидејќи по операцијата на прашањето на докторот „Дали ве боли?" ќе можат да одговорат - „Pazitiv. Ама, само кога се смејам"!