„Оптимизам: биологија на надежта" прв пат се појавила во 1979, кога социо-биолошките теории во социјалната антропологија и психологија не биле баш популарни. Како што покажале следните трисетина години, Тајгер бил во право во тврдењето дека склоноста кон оптимизам, исто како и склоноста кон депресија, може да биде не само културолошки конструирана, туку и вродена. Комбинацијата на гени, хормони и на генералниот физички статус на поединецот може да влијае врз тоа дали тој, според познатата аналогија, ќе ја гледа чашата полупразна или полуполна.
И не само на ниво на индивидуа - оптимизмот е една од клучните сили која го одржува човештвото во целина: правењето деца, садењето дрвја, запишувањето факултет, вложување во некој бизнис, склучување брак, градењето споменици. Сето ова се прави со верба во концептот на 'иднина', според кој и ние, и нашите потомци, сме дел од неа.
Она во што Тајгер се разликува од некои други теоретичари на оптимизмот е и ставот дека тој не е само обично, минливо чувство, туку диспозиција, склоност или став кој има врска со целата био-психолошка структура на личноста. Таа, според него, била еволутивно форсирана од една проста причина - песимистите, со оглед на нивната генерална неспремност да преземат ризици, не биле склони кон брза адаптација на новите околности, и така „замрзнати" во своите стравови на крај или умирале или не се репродуцирале, на тој начин отстранувајќи го песимистичкиот ген од еволутивниот синџир, кој за останатите значел дефетизам и назадување.
Од друга страна, иако постои опасност оптимистот, заради неговата склоност да се надева на позитивен исход дури и кога ситуацијата тоа не го ветува, да настрада заради сопствениот оптимизам, на ниво на големи бројки изгледа дека тоа, да се има надеж дури и во најтешките животни околности, сепак еволутивно „се исплати". Исто како што повреденото тело лачи ендорфин за да ја намали болката и полесно да зацели, така и повредената „душа" мора да развие механизам на залечување на сопствените рани, доколку сака да продолжи да живее. Тајгер всушност преку интердисциплинарното проучување на овој феномен ни опишува животни ситуации кои ни се добро познати: да се кренеш на нозе откако ќе доживееш смрт на близок, откако ќе загубиш работа или ќе те напушти саканиот, тоа е точно тој оптимистички чин, без кој човештвото, кое историски минувало а и денес доживува војни, глад, и други катастрофи, до сега би било истребено.
Со оглед на тоа што оптимизмот е голем мотиватор, тој е и нешто што може да се потхранува и негува. Политичките партии, исто како и рекламните агенции постојано играат на картата на оптимизмот кога сакаат нешто да „продадат", како идеја или производ. „Гласајте за мене за подобро утре" или „Со тој-и-тој прашок за перење можете да заборавите на мрсните дамки", сите тие целат токму на вашиот потенцијал за оптимизам, кој сакате да ви биде потхрануван, затоа што така едноставно се чувствувате подобро, отколку кога некој ви зборува само за сиромаштија, болести и погреби.
Секако зрно сомнеж и тука врши работа. Наместо тоа дали чашата е полупразна или полуполна, скептикот би требало да праша: а што има во неа? Ако е пиво, таа е секогаш недоволно полна, би одговорил оптимистот, и би нарачал пијачка и за другаров. Обајцата потоа би наздравиле, оптимистички склони во вербата дека накај дома нема да ги застане полиција. Или како што гласи најоптимистичката изјава во регионов: „И да погиниш, колку-толку пак ќе се спасиш".