Букбокс читанка

„НЕ ВЕРУВАЈ НА ТОЈ ОСОБЕН ВКУС“ од Вилијам Гибсон

Есеи на „црниот пророк" на информатичкото доба, на кого му го должиме терминот „киберпростор" и уште куп предвидувања во врска со реалната телевизија и интернет. Сега, како жив сведок на сопствените визии, тој спокојно си живее во Ванкувер, дозволувајќи си конечно да напише книга која во стандардната номенклатура се квалификува како нефикција - всушност истото она што тој и до сега го пишуваше, само пред своето време.

Книгата е збирка од 26 текста, некои од нив претходно објавувани по различни поводи, како предговори на книги, или како статии во списанија како The Roling Stone, Wired или Time. Во некои од нив тој самиот ретроспективно си го толкува сопственото творештво, некои се споредба на неговото детство со она на неговите деца, има есеи за големите градови или за „светскиот подрум" и-беј од каде Гибсон копа стари часовници, за неговите омилени автори и музичари како Борхес, Орвел, Велс и Steely Dan, џез-рок бендот од седумдесетите.

Сепак, најголем впечаток ни остави еден говор за Бук-експо во Њујорк, кој го одржал во мај 2010. Во него тој се осврнува на суштинскиот пресврт кој се случува во сегашноста - менувањето на нашиот однос кон иднината. Повод се две вести од областа на технологијата кои биле актуелни во деновите кога е пишуван текстот, првата дека научниците во Кина успеале во квантна телепортација на далечина од 16 километри, а втората дека други научници, во Мериленд, успеале да создадат вештачки, самореплицирачки геном и во него вметнале реченица од проза на Џемјс Џојс. Двете вести дури и кај него не предизвикале поголемо внимание од површното „ај не зезај". Уште помлако реагирала технолошки неупатената јавност. Што е проблемот, се прашува тој, што веќе никој не се шокира од научно-технолошки напредок?

Ако футуристот Алвин Тофлер во истоимената книга од 1970 го дијагностицираше „шокот од иднината" - психолошката состојба на поединците и цели општества од преголемото количество промени кои се случуваат во прекраток временски рок, Гибсон за нашето време ја предлага дијагнозата замор од иднината. Едноставно, нешто што шокира не може тоа да го прави вечно, се претвора во секојдневие, во рутина, и престанува да го привлекува она внимание кое го привлекувало на почетокот. Скоковите во она што е ново во технологијата и науката станаа премногу чести (ново!, ново!, ново!), така што прагот на дразба дури и кај оние склони кон техно-ентузијазам спласнува. Телепортација на 16 километри? Ноу биг дил. Уште утре ќе бидат 20. Дури и на оној што би пронашол еликсир за бесмртност би му била потребна јака рекламна машинерија за пораката навистина да се пробие во мноштвото производи кои нудат младост, здравје и вечна убавина. „Ама не, ова е НАВИСТИНА апче за бесмртност!", го гледаме како мавта пронаѓачот во очај, додека мртво-ладните заморени футуристи со тап поглед гледаат во телевизорите и го менуваат каналот.

Сепак Гибсон не ја прикажува ситуацијата толку меланхолично колку ние - за него (и колку што сфаќаме не е ироничен) ова е знак на некој вид зрелост, разбирање дека секоја иднина е нечије туѓо минато, секоја сегашност нечија туѓа иднина. Едноставно, Иднината со големо И сега се пишува со мало. Нешто се променило. Историјата и панкот се мртви, Бог ене го на смртна постела, а и иднината нешто не се чувствува добро.

Оваа теза е очигледна ако ја земеме предвид новата филмска „научна-фантастика". Има и причина зошто критичарите не инсистираат на оваа одредница кога зборуваат за филмови како „Таа" на Спајк Џонс или серијата „Црно огледало". „Романтична драма лоцирана во иднината" за првото, или „техно-параноја" за второто, затоа што да, нив не ги доживуваме како нешто хронолошки, психолошки и емотивно далеку од нас, туку како нешто кое веќе го живееме, само надградено во следна верзија. Како кога ти викаат дека некој некаде измислил чоколадо во кое може да се вгради музичка желба, за да му свири на оној кому ќе му го подариш за Валентајн. Е добро де, знаеш што е чоколадо, си видел мали апаратчиња што свират, што е проблем такво нешто да се вгради во чоколадо? Ту-ту, голема работа.

Е, тоа е нашиот современ однос кон технолошката иднина. И затоа ќе биде тешко некој да направи следна „технолошка револуција", која масовно ќе биде препознаена како таква. Новите Гоце, Питу и Даме на тој пресврт тешко дека би добиле споменик, качени на хај теч коњ. Каков што уште не добил ни Гибсон, а го заслужува.

26 јануари 2014 - 15:01