Има повеќе начини да ѝ се спротивставите на бесмислата, кога таа се заканува да ве кутне. Еве список на некои од нив:
- Да го изметете дворот, правејќи еднакви и стабилни купчиња од собраните листови;
- Со рака да ги соберете ронките од тепихот, третирајќи ја секоја како мал трофеј;
- Да им упаднете на пријателите среде работно време, и да ги изгушкате;
- Долго да седите на клупа на плоштад гледајќи во новите споменици;
- Да направите сутлијаш, со цимет и морско оревче;
- Некое време да не правите ама баш ништо и да чекате да ви помине.
Наведените активности се оценуваат како успешни само ако после нив се исправите и си речете - постои смисла, и се' е поврзано со сè. Ќе биде океј.
Главниот лик во „Наивен. Супер" има дваесет и пет години, завршен факултет, и брат за чиј стан се грижи дур тој е отсутен. Има еден лош и еден добар пријател со кого комуницира преку факс. Сака да вози велосипед и е среќен кога удира со топка по ѕид. Размислува за вселената, и разликата во времето на врвот на Емпајр Стејт Билдинг и на нејзиното подножје. Знае неверојатно многу, за Роланд Барт, рецептот за Кока-кола, кој бил прв на Монт Еверест и најидиотските ТВ-серии. Со тоа знаење би можел да учествува на квиз и да добие патување за двајца. Но тој нема девојка, и би морал да патува сам. Не е глупав, но не е сигурен дека знае што е важно а што не. Брат му вели дека му недостасува перспектива. Правец на движење. Но кој пат да се одбере? Како истовремено рационално да го познаваш светот и емоционално да го преживееш? Како притоа да не те совлада гнев, да не станеш лош?
Решенијата што ги нуди оваа книга се во најдобрата традиција на зен-будизмот. Смислата се бара не во некаква трансцеденција, во надминување или заобиколување на стварноста, туку во искусување на секој нејзин миг. Да, има нешто крајно наивно и детски човек да се пали на возење во лифт, предмети што можат да се фрлаат, балони од сапуница и шишарки. Но кога ќе престанеме да се радуваме на нив тоа не значи дека сме станале итри и возрасни. Само сме престанале да се радуваме.
Нашиот безимен јунак е далеку од еуфорично весел, но не е ниту очаен. Неговиот тон е спокоен, понекогаш меланхоличен, тажен или загрижен. Но она што оваа книга ја прави различна од која и да е друга која се занимава со отуѓеноста на современиот човек и трулоста на глобалниот капитализам (Уелбек, Бегбеде..) е што во неа нема ниту зрнце цинизам. Можеби е до географијата или до климата - Лу е Норвежанец, а најголемите нам познати живи нео-егзистенцијалисти Французи. Но бесмислата демне на сите континенти, плоштади и велосипедски патеки, во секое ќоше. Да и' се спротивставиш не со тенк, туку со пластично чеканче, кое кога го удираш испушта пријатни звуци...e тоа е супер!
Се придружуваме кон одбележувањето на Нордискиот викенд во Скопје. И со сиот ризик дека ќе не' прогласите за наивни и патетични ќе го завршиме овој текст со:
Верувам дека никој не треба да биде сам. Дека човек треба да биде со некого. Со пријатели. Со оној кого го љуби. Верувам дека е важно да се љуби.
Верувам дека тоа е најважното.
* * *
Издавачот Табернакул доделува еден примерок од книгата на оној кој прв ќе ни одговори колку е висока Емпајр Стејт Билдинг?