Букбокс читанка

„ГОДИНА ЌЕ МИНЕ, ДЕНОТ НИКАКО“ од Жарко Лаушевиќ

Што ако во Црна хроника прочитате дека лицето Н.Н., провоцирано од локални мангупи, среде сендвичара извадило пиштол, и со неколку куршуми усмртило две и ранило едно момче?

Без никакво љубопитство за форензичките детали, сосема незаинтересирани за психолошкиот профил на сторителот, и без оглед на тоа дали настанот се случил кај „Чичко Стоилко" или во некоја фастфударница во Бразил, пиштолџијата веднаш ќе го прогласите за злосторник. Откако ќе го затворите весникот уште некое време ќе бидете задоволни од мислата дека органите на прогонот му застанале на патот, посакувајќи му долга и успешна затворска кариера.

Но што ако убиецот е 33-годишен талентиран, харизматичен и згоден актер на врвот на славата, кој за време на својата кратка кариера одиграл повеќе од дваесет главни улоги, и тоа во култни филмови и театарски претстави, кои го одбележале духот на времето во кое обајцата сте живееле? Дали тежината на законскиот престап, и истовремено гревот на убиството на друго човечко суштество може да се одредува во зависност од тоа дали некој е просто - симпатичен?

Никој, па ни самиот Лаушевиќ, не спори дека тој убил. Пиштол го носел по совет на полицијата, а поради заканите по живот по премиерата на претставата „Св. Сава" во режија на Владимир Милчин и по текст на Синиша Ковачевиќ во ЈДП (тука снимка од прекинот на претставата од страна на српските радикали, кои сметале дека таа е навредлива за ликот на светецот). Со него пукал, усмртил две и ранил едно момче, откако кај киоскот Apple во Подгорица без видлива причина тие ги нападнале Жарко и неговиот брат. Трагичноста на неговата судбина оттаму не се состои во неправедното обвинение, туку во комбинацијата на неговиот славен лик и неславно дело.

Имено, неговиот случај ги покажува екстремите на и онака контрадикторните чувства на јавноста кон сопствените миленици, кои балансирајќи на тенката граница помеѓу восхитот и завистта, лесно го прогласуваат довчерашниот шмекер за монструм. Тој е посластица и за државните органи, кои решаваат токму врз ваков лик да ја вежбаат непристрасноста, строгоста и одлучноста, системски вредности кои се инаку ендемски. „Па ш'о ако е познат, неговиот прдеж не смрди?", е ставот на оние кои сметаат дека Жаре треба да си се врати од Америка, да ја долежи казната од уште тие осум и кусур години, кои му се досудени откако еднаш одлежал скоро 5, и да не се вади многу-многу на апсурдните правни заврзлами низ кои има минато овој случај, кој доживеал четири судења, од страна на три различни суда, кои го разгледувале девет пати, и донеле девет различни одлуки. А да, и сето тоа во тек на распаѓање на една и создавање други држави, донесување нови Устави и кривични закони, после што е прилично нејасно која е всушност таа земја која него го тужи, која е таа која го брани, а која го суди.

Оние пак кои во изборот помеѓу актерот или убиецот се на страна на човекот, велат дека секој, па и најголемиот грешник, има право на катарза – нешто што Лаушевиќ тешко ќе го доживее, со оглед на постојаните обновувања на случајот, ад хок одлуките и правната збрка која го следи случајот, комбинирана со самопрогонството од земјата и од професијата кои толку ги сакаше. Оттаму, пишувањето на оваа автобиографија, односно како што се вели на крајот од книгата, на овој нејзин прв дел, кој почнува со ноќта на убиството, а завршува со првата донесена пресуда, е можеби замена за едно такво практично и психолошко резиме – кој бев, и што станав, откако станав убиец.

Книгата на Лаушевиќ може да се чита, и толкува на најмалку три начина. Една линија е фактографијата поврзана со убиството и судењето, имињата на учесниците, реакциите на јавноста, датумите. Втората е внатрешната состојба на главниот, нефиктивен лик на актерот во сопствената драма, со сите негови стравови, каења, физички тегоби и самоубиствени нагони. Третата е културолошко-социолошката димензија, луѓето вон и внатре затворските ѕидини, оние кои доаѓаат на посета и оние од ќелијата, чуварите, судиите, докторите-вештаци, адвокатите и семејствата на жртвите, сите со своите приказни и тежини.

Лаушевиќ добро ги балансира трите нивоа – во моментот кога ќе помислите дека ќе западне во патетика и кукање веднаш пресекува со некоја анегдота од актерските кругови, кога снагата ќе почне веќе да ве чеша од описите на неиспраните чаршафи и стаорците, тој ве части романтична приказна за запознавањето со тогашната сопруга или некој детски спомен. Актерската професија и образование му даваат доволно штоф за сопствената ситуација да ја согледува од ракурсите на за него големите мислители и уметници – Достоевски, Киш, Његош. Референците не му се нешто бројни, а и употребата на латински максими стилски не му оди во прилог, но книгата не е ни пишувана со амбиција да биде литературно ремек дело. Она што таа го бара не е книжевно признание ниту пак сочувство, туку - соговорник.

Од бројните приказни и анегдоти во книгата една се провлекува како лајт-мотиф речиси од почетокот, до крајот. Жарко раскажува како при едно патување со воз со колегата Мики Манојловиќ овој му раскажал зошто се плаши од авиони. Кога бил мал Мики со родителите патувал од Дубровник за Белград во некое авионче кое во еден момент почнало да потскокнува и да се тресе. Човекот кој седел до него, прегрнувајќи си ги колената почнал да мантра: качевајево, качевајево..Требало долго време ова да се дешифрира, за на крај малиот да сфати дека човекот сака побргу да стигне до родното – Ваљево. „Кад че Ваљево?", често се прашува Лаушевиќ низ книгата, не гледајќи крај на затворските денови кои личат на години. Букбокс еве стигна во своето Ваљево, во новиот виртуелен дом. Откако беше помилуван од Тадиќ, и на рака го доби српскиот пасош можеби и Жарко е поблиску до неговиот. Му посакуваме среќа.

9 март 2012 - 00:00