Букбокс демо читанка

Фигмент и Енхалон

Фигмент и Енхалон (алијас Ненад) ги запознав кога еден октомври ја уредував насловната на блогерај.

Оние кои се нашле во оваа улога знаат дека човек се фаќа себеси како постојано на насловна објавува едни те исти луѓе, што зборува не само за вкусот на уредникот, туку и за доследноста на тие автори, кои од пост во пост се држат до својот стил. Ретки се таквите локални „зборографи" кои не само што не го загадуваат творечкиот простор (што е самото по себе достигнување за почит), туку имаат создадено и сопствен креативен профил, кој никако не можете да го помешате со некој друг. За нив квалификацијата „писател" звучи малку старомодно - не само затоа што не пишуваат со мастило и перо, осветлени само од пламенот на свеќата, туку пред се' заради нивната свежина и творечка некорумпираност, прилично некарактеристична за стереотипот на нашиот голем, мејнстрим Писател.

Ненад (алијас Фигмент и Енхалон) го запознав кога пред некој месец му понудив да биде застапен во Букбокс. И додека ние така лежерно си се допишувавме и правевме избор од неговиот богат опус, стигна веста дека тој е добитник на наградата Новите за 2009, што повлеквит дека на неговите струшки (и според мене best of) раскази, кои сега му се објавија и во форма на книга, веќе не им е местото во Букбокс демо. Но за кошула да не остане недоткаена, и идеја неизреализирана, објавуваме избор од неговата поезија. И си посакуваме повеќе млади и талентирани момци и девојки како него по глава на жител.

* * *

Ненад Јолдески е роден на 26.11.1986 година во Струга. Дипломирал на државниот Економскиот факултет во Скопје. Активно се бави со веб дизајн и блогирање.

Автор е на три блогови. figment.blog.mk живее веќе две години, а на него може да се сретне проза и поезија на авторот. Вториот блог enhalon.blog.mk создаден речиси паралелно со првиот се соостои исто така од проза и поезија напишана на струшки дијалект. Од тој блог произлезе и голем дел од неговата дебитанска книга „Штамата на Енхалон. Третиот блог е наречен figmentmusic.blog.mk и активно се бави со рецензии за музика и филм.

Тебе не те менуваат календарите
на А.

Ти чуваш прашалник во талогот на денот
и четка за заби во чантата.
Кога ги миеш забите – ја затвораш вратата
па јас никако да научам
дали се четкаш со четката
или со прашалникот?
... безвремено,
секој еден ден.

Еквилибриум

Смислата на животот
и овај проклето мрачен ден
мора да имаат нешто заедничко,
исто како што космосот со неговиот волумен
и џезот на моите стари звучници
изникнале од истата ронка
и исто како што ракијата на дедо ми
и твоите бакнежи
ги поставив како безусловно еднакви.

Проклети пермутации

Неонската реклама на руинираниот хотел,
црвениот лим на кој стои името на мојата улица
и сината коцкеста плочка со бројот на мојата куќа
ова утро мистериозно исчезнаа.
Сонувачките кои со своите бели ноќници
талкаат по улиците на овај мал град
тврдат дека домовите не се повеќе тоа што некогаш биле
и дека не треба да се грижам за мојата постојана адреса,
а утрово требаше да пристигне писмо,
со детално упатство за твојата кршлива љубов
кои би ги содржело сите начини на потребно однесување,
но еве, поштарот е сега онеспособен.
Како ли сега без упатство да дознам
која е вистинската пермутација
која би го дала начинот на кој ти би сакала да бидеш разбудена
ова мрачно утро?

равенство (џез патики)
на А.

Синоќа сите неонски реклами
(„bzzzz" глорификатори)
во некои прекршени битови
(некакви си интервални прдежи на веројатноста)
ме потсетија дека се уште сум жив.
Побрзав да се измолкнам од мирисите
на локалните дрвени шеќерџилници
(кои подоцна со бавниот чекор
на претворувачите на мириси
се исповести дека биле пиварници)
и со од кој повеќе наликуваше на
„тргнувам каде ќе погледнам"
отколку било каков решителен обид
кон црвената точка во центарот
тргнав по тебе.
Секој резултат на збирот 1+1
ми даваше нови темно сини флеки на моето тело
на кои малото бело крпче натопено во жолта ракија
им доаѓаше како моите приказни на твоите уши,
па така со сета моја внимателност
успеав да искршам само шест излози
за подоцна да се изгубам низ влажните Скопски улици
будејќи се утрово без тебе
со сонот бегалец залепен на мојата перница
и конечен резултат „2".
Ти ме љубиш со исклучено магнетното поле
јас со инстинкт на птица преселница,
како Бог или некој локален шегаџија
да си поигрува со нас...

2 приказни за смислата на денот

1. Приказна од географско потекло
Страници.
Мојата глава е глобус на твојата кружна љубов.
Секогаш кога ќе пробам да ја завртам
паѓам во несвест.

2. Приказна од егзистенцијално потекло
Страници.
Шопенхауер чека со паричка врз масата.
Јас морам да му дадам вода
за да го зачувам виното за тебе.

100 удари со чекан

Замислувам сè што ќе посакам.
Фикцијата ми се пијани со реалност,
повраќа се што зачувала во себе
и како локален пијаница
штом ќе почувствува дека се отрезнил
веднаш зема да пие без мое знаење.
Некој константно во темпо од 100 BPM
на три четвртински такт
ми клика наизменично со две запалки
од страните на мојата глава.
Звукот кој влегува од левото уво
веднаш се судрува со другиот од десното
принудувајќи ме да одбројувам минути,
да замислувам како чекам возови со жолт такси знак,
да легнувам покрај постојките уморен од трагање,
а да се будам во автобуси со молив во раката,
да бришам прозорци со надежта,
да верував дека небото ми спрема заседа,
ширум да ги затворам очите,
да посмилам на „шесте инчи на Сара"
да го преосмислам бегството,
да те барам во калеидоскопски мешаници од луѓе
центрифугално да те гонам до бесконечноста
за на крајот да се разбудам од отчукувањето на сопственото срце
кое со константно темпо од 100 BPM
на три четвртински такт
удира како чекан
секогаш кога ќе го видам твојот лик
на дното од чашата на мојата фикција.

24 јануари 2010 - 00:00