„Будност“ (2007), „Соништата на Олав“ (2012) и „Замор“ (2014) се три кратки новели од норвешкиот автор Јун Фосе, објавени на македонски во 2018 под наслов „Трилогија“ во издание на Готен и во превод од англиски на Владимир Јанковски.
17-годишните Асле и Алида талкаат низ улиците на Бјоргвин (старото име на Берген), барајќи сместување среде мрачниот и студен град кој не е отворен за туѓинци. Тие се од Дилџа, мало место во западна Норвешка (веројатно асоцијација на Динџа, каде Фосе минува дел од годината пишувајќи во шумска колиба). Aлида е бремена, а тие не се во брак, што во времето за коешто станува збор (неодредено минато, пред неколку векови) се смета за грев. Во градот пристигнуваат со украден чамец, откако газдата на нивниот претходен скромен дом ги брка од таму и откако се конфронтираат со мајката на Алида од која крадат пари за патот. Со себе носат мал број предмети, меѓу кои виолина која Асле ја има наследено од татка си.
По долга потрага, во моментот кога Алида добива породилни болки тие успеваат да влезат во куќата на млада бабица која еднаш грубо ги има одбиено. Во понатамошната нарација таа мистериозно исчезнува, а на нејзино место на помош доаѓа друга, постара акушерка од подалечна населба. Алида раѓа син, Сигвалд и барем за момент сведочиме радост и претпазлив оптимизам кај малото семејство.
Само по себе ова дело е незаокружено и на некој начин подразбира продолжение, што и се случило, по дури пет години. „Сонот на Олав“ се однесува настани кои се случуваат неколку години подоцна, кога Асле го менува името во Олав, а Алида во Аста. Тие се уште живеат во куќата кадешто е роден нивниот син, но една случајна средба со мистериозен старец го вознемирува Асле и го тера тие што побрзо да се преселат. Безимениот човек изгледа како да знае многу нешта за него, неговото родно место, вистинското име, како и тоа дека рибарот кој им ја изнајмувал куќичката и мајката на Алида се мртви. Иако целата атмосфера до овој момент се гради така за да претпоставиме дека Асле е навистина убиец, читателот се уште не е стопроценто сигурен, или од сочувство некако не сака да го прифати таквиот факт.
„Замор“ е последниот и најкраток дел од трилогијата. Лоциран е повеќе години по настаните во претходната новела и почнува со Алес - ќерката на Алида и полусестра на Сигвалд. Таа често го гледа духот на мајка си, која трауматизирана од судбината на својот сопруг по откривањето на вистината, побарала засолниште кај друг маж.
Квалитетот на делото не е толку во тоа за што се раскажува, туку како
Во она што академски се нарекува „авторска постапка“, Фосе успева да го задржи вниманието и покрај тоа што, или токму затоа што, од интерпункција не користи точки, туку само запирки, со голем број повторувања, сосема кратки дијалошки размени и скудни информации за генералниот контекст
Нема точки
Со тоа нè приморува да се концентрираме на самите ликови и нивните доживувања и да читаме онака како што тие мислат - вознемирено, панично, полно со страв и неизвесност
Мрачна сенка паѓа дури и врз ретките моменти на спокојство и мир, кој очигледно е само привремен
Замислуваме дека доколку од оваа книга би се направил филм, трите дела, секој за себе, би биле снимени во еден кадар, без монтажа
Доколку би била класична композиција, можеби структурно најмногу би ѝ одговарал форматот на концерт, но не со стандардните три става Алегро-Адаџо-Алегро, туку со некое необично темпо, кое иако реално е динамично и испрекинато, се доживува како долго и тажно
Солистот би свирел на виолината на Асле
Илина, Букбокс