Чудниот објект е поставен помеѓу две згради на ДОКС ценатрот за современа уметност во Прага. Инспириран е од раните воздухоплови на 20 век, долг е 42, широк 10 метри и направен од челик и дрво. Во него се влегува по скали кои водат кон огромна читална, под име „Гуливер“. Таа ќе биде место и за читање, но и за промоции, дискусии и работилници. Формата на цепелин е одбрана за да ги симболизира оптимистичките идеали на ера во која технолошкиот напредок и откритијата биле нешто што ветувало подобра иднина.
Галеријата во чиј склоп е читалната е отворена во 2008 по приватна иницијатива на актуелниот директор Леош Валка и неговите партнери за создавање простор за истражување, презентација и дебата. Во 2013 тие го поканиле познатиот архитект Мартин Рајниш да помогне во создавањето на она што сега го претставува цепелинот Гуливер.
„Идејата да се воведе ’паразитска’ структура во Цетарот е стара неколку години. Сонував за фасцинантна органска форма која ќе биде во контраст со постоечката структура на стакло и бетон на галеријата“, изјавил Валка.
Додека тој сонува за „паразитски“ структури, кај нас ги имаме за извоз. Со нивно поместување поблиску до небото можеби и тие ќе добијат поинакво значење.