И покрај карантинот кој почна на 2 ноември во Германија, Музејот на уметноста во Волфбург одржа отварање на својата нова изложба под наслов „Од уста на уста - од Питер Бројгел до Синди Шерман“. Станува збор за пресек на претставувањето на овој орган во уметноста, низ кој човекот се храни, но и низ кој се изразува, зборувајќи, пеејќи и правејќи гримаси.
Необичната тема е идеја на теоретичарот Хартмут Беме и берлинскиот стоматолог Беате Сломински. Обајцата долги години се занимаваат со оралната димензија на човечкото постоење. Истражувањето на усната шуплина од антиката до денес според нив треба да вклучува природни науки, медицина, но и уметничка и културна историја.
Бебето почнува да го истражува светот со устата - вкусува, мириса и ја запознава околината, добивајќи ги преку неа првите сетилни впечатоци. Устата останува суштинска „порта“ помеѓу нас и она вон нас, не само во форма на храна, туку и во смисла на вербална и невербална комуникација. Освен устата во изложбата предвид се земени и органите кои се поврзани со усната шуплина, како јазикот, забите и грлото.
Кураторка е Ута Рукамп која ги категоризирала и структурирала мноштвото материјали кои се прикажани на изложбата. Таа вклучува околу 250 дела од антиката до денес: слики, скулптури, инсталации, цртежи и видео уметност, како и артефакти од етнолошки и научни збирки. Меѓу нив има дела на Питер Бројгел постариот, Алберт Дирер, Пабло Пикасо, Марина Абрамовиќ и Енди Ворхол, како и уметнички третман на стоматолошките маки на луѓето од минатото, на пример портретот „Забовадачот“ од Јан Стин од 1651.
Организацијата започнала пред коронавирусот, а во меѓувреме устата и грлото станаа синонимни со високо заразната болест. Оттаму, нејзината важност и актуелност се дополнително акцентирани со новонастанатата ситуација.