Откако Колорадо целосно ја легализираше марихуаната во 2012, Хајди Кис во ова видела златна шанса да ги комбинира своите две најголеми страсти: канабисот и уметноста. Сакајќи да им обезбеди безбедно и креативно место на луѓето кои сакаат да истражуваат на обете полиња, таа започнала да држи часови по сликарство кои набрзо се прошириле низ САД и почнале да опфаќаат и други уметнички гранки покрај сликарството. Нејзиниот курс се вика Puff,Pass&Paint, или „Дувај, кружи и сликај“.
Ова е надоврзување на веќе постоечките „пиј и цртај“ часови низ земјата, кои охрабруваат комбинација на уметност и алкохол. И овој курс има мал вински бар за возрасни на кои можеби првиот пат им паѓа незгодно, па им треба чаша мерлот за да се опуштат. Но часовите се пред сè привлечни заради чадот кој лебди над главите на среќните цртачи.
Групите бројат до 20 луѓе, цената е 50 долари по човек за 2-часовна сесија, што вклучува четки, бои и платно („тревата“ учесниците си ја носат сами). Други курсеви се наменети за дискутирање книжевност, готвење, како и изработка на керамика. Познатиот терапевтски ефект на занимавањето со уметност, без оглед на нивото на вештина, тука е засилен со дополнителното опуштање и дружење со останатите учесници. Условот е да се биде полнолетен, и секако, пушењето марихуана во или вон комбинација со цртање, да не е казниво со закон. Во наш контекст она со алкохолот е можеби подобра идеја.