„Бролиологија“, од британското „броли“ за чадор, е име на измислена дисциплина која се занимава со артефакт кој низ историјата ги штител човечките тела од сонце, дожд и од туѓи погледи. Авторката Мариан Ранкин (Marian Rankine) преку убаво дизајнирана и илустрирана нова книга, нема амбиции детално да ја следи историјата на чадорот низ вековите, туку повеќе да го илустрира неговото значење во уметноста и во историјата.
Дерида се обидувал да го пронајде значењето на еден чадор споменат во белешки на Ниче, Роберт Луис Стивенсон пишувал есеи за овој предмет, а Дикенс ги користел чадорите како наративна алатка за речиси сè. Чадорите имаат и родови, класни и социјални конотации - предметот на кој се сеќаваме само кога ќе го заборавиме всушност има многу подлабоко значење за нашиот секојдневен живот од она кое вообичаено му го припишуваме.
Во јапонската митологија постои и посебен дух на чадорите - kasa-obake. Тоа е стар чадор, кој би долго време користен но исто толку долго заборавен, често со искинато платно или со скршена жица. Кога еднаш ќе се отвори, како да се повампирило некое чудовиште, кое само чекало да ги отвори очите. Можеби затоа и во нашата култура се смета за неубаво чадор да стои отворен внатре, за да не се мешаат симболичките територии, опасното „надвор“ со заштитеното засолниште внатре.
Но чадорот од средство за заштита може лесно да стане и оружје за напад, како во филмовите за Џејмс Бонд. Мери Попинс може со него да лета кога има поволен ветар, исто како што во 18 век експериментирале со овца во кошница на која бил прикачен чадор. Пронаоѓачот, извесен Џозеф-Мишел Монголфие, го турнал сиротото животно од кула во Авињон и гледал како тоа безбедно слетува на земјата, притоа измислувајќи го падобранот.
Иако на ваков дождлив ден за чадорот размислуваме во контекст на дождот, тој бил и заштита од сонце. Како таков бил користен во древен Египет, каде хиероглиф во форма на чадор означувал сенка, под која требало да бидат фараоните додека нивните робови се печеле на сонце. Белата женска кожа, безбедно заштитена од сонцето со тантелени чадорчиња или такви од хартија, е симбол на убавина во повеќе култури („бело лице љубам јас“).
Затворените чадори за сонце на напуштена плажа пак ни создаваат некоја блага меланхолија, исто како и погледот на заборавени чадори во чекални и по контејнери. Некогаш ценети како „подвижна соба“ или „приватно небо“, сега се оставени на милост и немилост на времето. Додека некој отварајќи го чадорот, пандан на триењето на волшебната ламба, не го оживее неговиот дух.
Нашето парче чадорско небо: