Членовите на Центарот за политичка убавина носат формална облека, но на лицата имаат нанесено црна, воена боја. Организирани се во „тимови за напад“, а нивна цел е воспоставување „морална убавина, политичка поезија и човечка доблест“. Самите се нарекуваат агресивни, или радикални хуманисти.
Организацијата стана позната во моментот кога започна камапања во стилот на вестерн „Се бара жив или мртов“ постери, кои ветуваа награда од дваесет и пет илијади евра за информација која би помогнала во апсењето на членови на семејствата Фон Браунберенс и Боде, сопственици на корпорација за вооружување, која предложи извоз на неколку стотини тенкови во Саудиска Арабија. Еден член на одборот даде оставка по ваквата акција, а по некое време заради притисок од јавноста беше поништен и самиот договор за продажба.
Во текот на неодамнешната бегалска криза, во мај 2014, германското Министерство за семејни прашања на својата нова веб страница објави дека ќе понуди азил на 55.000 сиријски деца - 1% од петте милиони на кои тоа би им било потребно според УНИЦЕФ. Но на сајтот, освен онлајн формулари преку кои Германците би можеле да се регистрираат како семејства-домаќини, се појавија и видеа со среќни деца кои од Алепо ѝ благодарат на тогашната министерка Швесиг за нејзината иницијатива, како и снимки од толпа народ собрана пред Министерството во Берлин како прославува и остава океан од цвеќиња и мечиња пред неговата порта.
Но сајтот всушност беше креиран од Центарот за политичка убавина. И не само тоа, туку и целосна Федерална програма за итни ситуации, разработена законска рамка за прием на спомнатите деца во Германија, куп рекламни материјали, отворени телефонски линии на кои актери одговараа на прашања во врска со програмата и контакти со училиштата и други организации во Сирија - цела хипер-реална театарска претстава. И наместо Министерството да ја прифати играта и да го прогласи сето ова за своја идеа, тие ден подоцна рекоа дека сепак нема да ги спасат децата.
Оригиналното име на предложената федерална програма на германски содржи битна референца. Kindertransporthilfe des Bundes всушност асоцира на славниот транспорт од 1938-9, кога повеќе од десет илјади деца емигрирале од нацистичка Германија во Велика Британија, што често значело дека тие се единствените членови на нивните семејства кои ја преживеале војната. Терминот кај повеќето Германци предизвикува позитивна емоционална реакција и има тежина во колективната меморија.
Мобилизирањето на ваквите спомени стана главна финта на Центарот. Световите кои неговите членови сакаат да ги создадат се утописки, но овие утопии, иронично, имаат свои пандани во познати историски преседани. Преку истакнување пример на морална убавина и хуманост од минатото се укажува на тоа дека тој е исклучок, но таков од кој би требало да се инспирираме.
Секако, кога се истакнува убавината и благородноста на некои чинови, тие се доведуваат во контраст со цинизмот и бруталноста на други. Како дел од претходната кампања, Центарот направил инсталација на централната железничка во Берлин, близу до бронзената скулптура на Франк Мајслер, „Возови за живот-возови за смрт“, која е спомен и на спомнатите спасени деца, но и на они 1.6 милиони кои беа убиени. Притоа се поставени два контејнера пред станицата, со слики на ранети и осакатени сириски деца. Секоја слика била придружена со телефонски број, за минувачите да се јават на него и да гласаат кое од децата треба да добие азил, а кое не - само едно од сто можело да биде спасено, 99 не. Во близина е поставен и медицински шатор, каде сиријски доктори кои пребегнале во Германија требало да им пружаат прва помош на оние Германци за кои сликите се премногу вознемирувачки. Во текот на треманот тие требало да раскажуваат приказни за децата кои ги оставиле во руините на бомбардираните болници во Алепо.
Летоска, откако првичниот бран милосрдие кон бегалците почна да спласнува, Центарот почна со нова операција: „Јадење бегалци“. Оној што требаше да ги јаде бегалците беа четири големи либијски тигри. Во видеото постирано онлајн беше објаснето дека со оглед на европска одредба под број 63, со која им се забранува на авионските компании транспорт на патници без валидни визи, бегалците де факто се обврзани да имаат виза пред да аплицираат за азил. Центарот организираше авион со 115 бегалци од Сирија кон Германија, под име Јоаким 1, референца кон тогашниот претседател на Германија, лутерански свештеник и борец за човекови права - Јоаким Гаук. Историската референца овој пат беше Берлинскиот „ерлифт“, постојаниот авиотранспорт организиран од сојузниците, кој им доставуваше храна на жителите на западен Берлин додека СССР ги блокираше патиштата и железничките врски во 1948.
Центарот прогласи ултиматум кон германската влада: или таа ќе дозволи авионот да слета во Германија, или неколку бегалци ќе дозволат да бидат изедени живи од четирите тигри, како модерна верзија на римскиот колосеум. Во видеото Меркл, нејзиниот министер за внатрешни и ЕУ се прикажани како модерни императори кои одлучуваат - со кренат или спуштен палец - дали Сиријците ќе преживеат. Луѓето беа охрабрувани да гласаат онлајн за тоа кој би требало да биде во авионот, а кој не.
На оние кои замераа дека фрлање бегалци на тигри е невкусно им беше одговарано дека исти такви, невкусни, се и европските политики кон бегалците. Операцијата само ја истакна бруталноста која веќе систематски се врши врз нив. Сепак, германскиот парламент одлучи дека нема да ја избрише одредбата бр. 63. Властите интервенираа и наредија компанијата, на која ѝ било кажано дека транспортира статисти за театарска претстава, да не дозволи полетување. Но полицијата не интервенираше да го спречи самоубиството со тигри на 12 сиријски бегалци. Тигрите од своја страна напишаа писмо до германската јавност, прочитано пред илјадници гледачи од страна на Меј Скаф, сиријска актерка и една од оние кои можеа да бидат изедени, во кое велат дека биле згрозени од човечкото варварство и дека не сакаат да учествуваат во таков нецивилизиран екосистем. Центарот најави дека тој и 115-те бегалци ќе ја тужат владата.
Дали ваков чист и радикален идеализам, и ваков агресивен хуманизам, нема еден ден да западне во очај и цинизам? Дали со ваква тактика не се постигнува спротивен ефект - оддалечување од можните сојузници? Во неговата книга од 2015, „Кој ако не ние?“, Филип Руш ја објаснува целта на операциите на неговиот Центар. И покрај тоа што повеќето од ентузијастите околу него се од политичката левица, тој верува дека идеите се примарни елементи на историјата, без оглед на тоа од која страна доаѓаат. Некои од нив се „токсични“ - го прикажуваат човештвото како грдо и анимално, а не моќно, убаво и такво кое стреми кон божественото. Такви отровни идеи тој наоѓа во делата на Хобс, Дарвин и особено на Фројд. За Руш, кој докторирал на древна филозофија и право, убавите и добри идеи главно потекнуваат од древните Грци: Хомер, Платон, Аристотел и Пиндар. За современото општество смета дека го поддржува медиокритетството, и дека поради тоа е неспособно да произведе вистински херои-активисти за човекови права.
Оттаму, обидот на Центарот е да создаде, и покрај сè, херојски наратив, кој е истовремено и наивно идеалистичен, но и крајно жилав и настојчив. „Политичка порнографија“, „поедноставен политички активизам“ и „испразен морален хероизам“ е начинот на кој на активностите на Центарот реагира дел од германската интелигенција. Но неговата идеја е тој да биде, меѓу другото, столб на срамот, не само на надлежните органи и институции, туку и на самата публика. Тој потсетува дека не успеваме да живееме во склад со најдоброто од нашето цивилизациско наследство, за да не го повториме она најлошото во него.
Повеќе за Центарот тука