Кога лондонските улични светилки служеле кафе, чај и „течно говедско“

Многу пред автоматите за кафе и „паметните“ градови, Лондон експериментирал со улични светилки што, покрај осветлувањето, нуделе топли пијалаци, цигари, разгледници, па дури и директна телеграфска врска со Скотланд Јард.

Ако во викторијански Лондон сте посакале шоља топло кафе доцна навечер, доволно било да застанете покрај една улична светилка и да пуштите половина пени во неа. Од необичниот автомат, вграден во столбот на светилката, можеле да добиете кафе, какао, млеко, чај, па дури и таканаречено „течно говедско“ – течен месен екстракт што во тоа време се консумирал како „енерџи дринк“.

Овој необичен изум, наречен Плуто лемп, бил претставен во 1897 година, на изложба посветена на викторијанската ера, организирана по повод дијамантскиот јубилеј на кралицата Викторија – 60 години од нејзиното стапување на престолот. Меѓу панорамските претстави на антички Рим и повеќе од 1.200 уметнички дела, светилката што продавала пијалаци можеби изгледала како споредна атракција. Но, таа била мал технолошки експеримент што навестувал еден град во кој уличната инфраструктура ќе има многу повеќе функции одошто само да ги осветлува тротоарите.

Набргу по изложбата, вакви светилки биле поставени на неколку локации во Лондон. Тие ја осветлувале улицата, а дел од топлината создадена при осветлувањето се користела за загревање на пијалаците. Некои од нив продавале и разгледници, како и цигари – четири за еден пени. Така еден обичен уличен столб се претворил во комбинација од светилка, автомат за пијалаци и мал киоск.

Секако, технологијата имала свои слабости. Автоматите биле сè уште во рана фаза на развој, а производителите тешко се справувале со луѓето што наместо вистински монети користеле кружни парчиња калај. Одржувањето се покажало како поскапо од очекуваното, а и самата идеја да се пие од емајлирана шолја врзана со синџир, што ја користеле непознати минувачи, веројатно не ги привлекувала сите потенцијални муштерии.

До крајот на 19 век, сите Плуто лампи биле повлечени од употреба. Нивниот живот бил краток, но идејата не исчезнала. Повеќе од еден век подоцна, градовите повторно почнале да размислуваат за уличната инфраструктура како за нешто што може да извршува повеќе функции одеднаш. Денес, столбовите и уличниот мебел можат да бидат опремени со полначи за електрични возила, сензори за следење на загадувањето, системи за осветлување што реагираат на околината, па дури и технологии за безбедност.

Една од лондонските лампи имала и телеграфски уред поврзан директно со Скотланд Јард, седиштето на лондонската полиција. Да опстанела подолго, можеби ќе станела дел од некој викторијански криминалистички роман: улична светилка што истовремено осветлува, продава пијалак и испраќа пораки до полицијата.

извор

21 октомври 2026 - 16:34