пишува: Илија Дуковски
Слетувањето на аеродромот во Кито е страшно. Градот е сместен во долина помеѓу планински венци на Андите, еден на исток, другиот на запад. Врвовите на планините се речиси постојано во магла. Авионот кој нè врати назад од Галапагос, го започна спуштањето во облаци. Кога се спуштивме доволно ниско да можам да ја видам земјата, ми стана јасно дека летаме многу блиску до речиси вертикален планински ѕид во кој би рокнале, авионот само малку да скршнеше од патеката. Пејзажот изгледаше доста питомо, не многу различно од оној кога слетувате во Скопје. Прво зеленило, ниви и села, потоа автопат и стамбени згради.
Кито е убав град. Бил еден од главните центри на царството на Инките. Потполно урнисан кога се појавиле Шпанците, и изграден повторно од темел. Градот е целиот на ридови, со фантастично зачувана стара шпанска архитектура. Иван ни резервира хотел кој е адаптирана куќа со прекрасен поглед кон градот и масивна статуа на ангел на еден од ридовите.
Дечкото на рецепција носеше пончо и зборуваше тивко. За вечера ни препорача да одиме само тука блиску, до центарот. Ни вели да не одиме далеку, да не се мотаме по улиците, затоа што „политичката ситуација” во Еквадор во моментот не е добра. Прашувам за каква „политичка ситуација” станува збор. Ми вели, владата води војна со бандите, со мафијата и гангстерите.
Улиците се полни со жагор, звуци на кучиња во озбилна кавга. Штом излеговме од хотелот, гледаме драма: жена која држи црвче од куче и плаче, вика “Mi perrito” (кученцето мое, на шпански). До неа загриженo ја слушаат група на луѓе. Млад, вознемирен дечко држи питбул на кој очигледно не му е јасно што направил, загледан некаде во далечина како пред малку да завршил со читање книга на Хајдегер.
Во градот доминираат барокни цркви. Куќите ме потсетуваат на некое старо македонско маало. Улиците се стрмни и чисти. Не ме изненадува чистотијата. На ум ми доаѓаат другите народи по Латинска Америка, селата на Маите во Мексико, на пример. Апсолутно чисти, со бабички во снег бели носии. Старите американски цивилизации веројатно биле фино место за живеење.
На централниот плоштад гледаме голема група на мажи во црни костуми и сите со исти кравати. Иван вели, “Овие мора да се некоја секта.” Влегуваме во ресторан, келнерот покрај прозорец, ги гледа мажите во костуми. Замислен, не нè приметува. Другиот келнер, нервозен, го измачивме со изборот на вино. Ни предлага аргентинско. Иван го проверува на апликација, четири и кусур ѕвездички, може. Го зедовме, за цена не прашавме. Изгоревме.
Следниот ден одиме да се искачиме на вулканот Котопакси. По пат доста работи научивме од Маријана, водичот, исклучително добро информирана и образована. Ни раскажа за Кито, за културата и етничките групи кои живеат во Еквадор. Повеќето се местизоси, со мешано шпанско и домородно потекло. Следат по бројност домородците, потомците на Инките, и нешто малку со африканско потекло. Една од најмалите групи, но секако најмоќна, само околу 2%, е аристократијата со шпанско потекло. Ќе запознаеме еден од нив подоцна во текстот, претседателот на Еквадор.
Муабетиме за економијата на Еквадор. Се зачудивме кога ни рече дека една од главните економски ресурси е нафтата, која се копа во долината, во Амазонија. Еквадор поседува дел од Амазонија, околу градот Кока. Вадењето на нафта од тропските шуми е тешка тема за Еквадорците, со замешанија од американски нафтени компании, еколошки проблеми, во последно време навлегување на кинески компании, протести против експлоатацијата на тропската шума. Значи со сите нишани на добар геополитички пичвајз.
Знае дека сме од САД, ама ни го примети акцентот и не праша од каде сме по потекло. И велам Македонија, започна муабет за историјата. Ние прашуваме за Инките, таа за Александар (а за кој друг ќе праша?). Ни кажува дека отсекогаш ѝ било сон да ја види источна Европа и Балканот. Прашува колку има население во Македонија. Се запрепасти, само 2 милиони? Па тоа е помалку од Кито, а толку сте познати. Малку сме, ѝ велам, ама сме галамџии.
Стигнуваме до центарот за посетители кај Котопакси. Јас успевам конечно да почнам со сликање птици. Фаќам еден голем дрозд, Turdus fuscater, сличен на нашиот кос, ама поголем. Една скромна но убава птичка, кафеав тиранин, Ochthoeca fumicolor, ми позира со отворено крило, спремна да полета. Иван најде дека продаваат топол чај, некоја локална билка, мириса на мента. Јас ја баталив ментата кога разбрав дека имаат и чај од кока. Потполно е легална тука и помагала за висина. Ќе се качуваме над 4 илјади метри на Котопакси, подобро да се спремам со малку кока. Чајот е баш вкусен, нешто помеѓу зелен кинески и јерба мате.
Недалеку од центарот навлеговме во парамо, тревен екосистем на високите Анди. Личи на нашите планински пасишта, а и така мириса, како мајчината душица на Попова Шапка. Маријана ни го покажува националното цвеќе на Еквадор, чукуирагуа, Chuquiraga jussieui, кое го опрашуваат колибрите. Личи на нашиот магарешки трн, само наместо пурпурна, боите му се силно портокалова и црвена. Колибри не видов, но сликав пар импресивни птици од фамилијата на соколи, со необично име, карункуларни каракари, Phalcoboenus carunculatus. Низ целиот регион доминираат андските калуѓерки, Vanellus resplendens, кои ги има насекаде, и тешко се промашуваат заради јарката црвена боја на нозете и околу окото. Прекрасна птица, која се моташе околу нозете на стадо диви коњи. Коњите тука се од времето на првите шпански конквистадори. Им побегнале, и од тогаш се газди на парамото.
Качувањето на Котопакси започна подобро отколку што се надевав. Ѝ го спомнувам на Маријана Александар фон Хумболт, кој со неговата експедиција и свита не успеал да се искачи на вулканот. Вулканската пепел е како снег. Ако не е истапкана, фактички е невозможно да се оди низ неа. Фон Хумболт заглавил тука во пепел до колена. Денес, околу две стотини години после Александар, пепелта е добро истапкана, како да поминал ратрак тука, и не е проблем да се качуваме.
Александар вон Хумболт е еден од најзначајните и најнепознатите научници на сите времиња. Како дете наследил богатство кое денес би вредело неколку милиони, и сите ги потрошил на експедиција низ Америките. Тој е првиот кој систематски ги проучил Андите и Амазонија. Од него доаѓа теоријата која го објаснува потеклото на вулканите. За разлика од Дарвин кој не успеал асално да си ги бележи примероците, Александар, како вистински педантен германец, по пат собирал огромни количини на детално бележени податоци. Тој фактички го започнал статистичкиот пристап на педантно собирање големи количини на податоци и докази во науката, за разлика од анегдотите и недокажаните претпоставки кои доминирале во научната литература уште од времето на Аристотел. Му бил најголема инспирација на Дарвин и цела генерација научници која ќе ја доведе биологијата на модерно ниво. Со себе низ експедицијата носел цела свита луѓе, вклучувајќи и асистент со кој имал документирани емотивни драми. Веројатни имал со него и недокументирани настани. Цел живот ерген, денес се верува дека Александар вон Хумболт бил геј. Многу добро познат на Маријана, во Еквадор учат за него во средно, во Европа е скоро заборавен. Во Германија универзитет го носи неговото име, и тоа е тоа за човекот кој е претходник на Дарвин и современиот научен метод. Еден од моите научни херои од младоста, фино ми дојде фактот дека одам буквално по неговите стапки.
Тешко се доаѓа до здив при качување до 4864 метри, но тоа не ми беше најголемиот проблем. Она што ме уплаши е, дали од тенкиот воздух или од чајот, срцето почна да ми лупа ситно. Морав да застанувам и одмарам на секои 50 метри. На вулканот, на пепелта нема никакви животни или птици. По некое растение на подножјето. Дури на враќање приметив црна точка на небото. Точката, некоја граблива птица, се оддалечуваше од нас. Маријана ме праша, мислиш дека е тој? Не знам. Во еден момент птицата сврте полн круг, и во вртењето успеав за секунда да видам дека секундарните летни перја, оние покрај телото, на горниот дел на крилјата се бели. Само една граблива птица е сосема црна, со бели секундарни перја: андскиот кондор, Vultur gryphus.
Додека кондорот леташе кон нас, се уште точка на небото, јас единствен со двоглед, Иван и Маријана ми викаат каде е, јас ја спремам камерата, небото е потполно облачно и бело. Ќе биде весело да се слика црна птица во движење на бела позадина. Панично ја менувам експозицијата, ја враќам назад, ми текнува дека телеконвертереот со кој би имал подобар домет ми е во ранецот а не на камерата. Да буричкам по ранецот сега, ќе изгубам време. Сфаќам дека сум изгубен и дека немам појма што правам. Прекрасната женка кондор прелета точно над нас. Момент кој сум го чекај од мал. Моментот траеше пар минути, и кондорот си замина. Ова ми е една од двете работи кои сум ги мечтаел за Јужна Америка. Да видам кондор, и да одам во Манаус, главниот град на Амазонија.
Ме фати некоја тага. Не знам зошто. Дали заради серијата утки со фотографијата, дали дека ете се исполни мечта од детството? Тоа е веројатно чувството за лисјата и гората. Едно по едно си ги штиклираме работите, како да не знаеме дека списокот не е бесконечен. Јас тој ден го штиклирав кондорот. Но, ОК, доволно за битието и времето од мене. Беше прекрасно да се види.
На враќање, Маријана нè одведе на вечера. Ние се обидуваме да имаме лежерен муабет, нејзе не ѝ оди. Штом се спуштивме од Котопакси, доби сигнал и ни кажа дека прочита дека „политичката ситуација” стана уште полоша. Дури тогаш успеавме од неа да дознаеме што всушност се случува.
Претходниот ден, еден од главните шефови на криминалното подземје, на бандите кои транспортираат кокаин низ земјата, побегнал од затвор. Но, неволјите започнале пред минатогодишните избори, кога водечкиот кандидат, новинар, припадник на политичката левица, Фернандо Виљависенсио почнал да објавува документи за врските на нарко-гангстерите со власта. Еквадор во минатото бил релативно мирна земја, без криминал, но во последно време се појавиле некои нови банди, кои започнале со транспорт на кокаин низ економскиот центар на брегот, Гуајакил. Еден од главните шефови од криминалното подземје му се заканил да престане да објавува документи. Новинарот не потклекнал, и бил убиен. Наместо него, за претседател бил избран сосема млад гилиптар, син на една од најбогатите аристократски фамилии, трговци со нафта, потомци на конкистадорите, дечко кој ветува, Даниел Нобоа. Очекувањата биле дека ќе го заташка убиството на неговиот опонент, и дека работите ќе си одат по корумпираното старо.
Но, не. Даниел ги изненадил сите кога го уапсил и стрпал во затвор криминалецот кој му се заканувал на Виљависенсио. Неговото бегството од затвор е „политичката ситуација” за која зборуваа сите. Луѓето во црни одела кои ги видовме околу ресторанот претходната вечер се обезбедувањето на претседателот Нобоа, и беа таму затоа што претседателската палата, одма тука на плоштадот каде вечеравме, била евакуирана дента. Додека ние го планинаревме Котопакси, група на маскирани бандити влегле во ТВ станица и директно пренесувале како ја тормозат новинарката екипа. Очигледно да го свртат вниманието од бегството, и да направат поголема беља. Претседателот објави вонредна состојба и полициски час.
На враќање накај Кито, гледаме голема колона на автомобили со луѓето кои порано излегле од работа, да не останат после полицискиот час. Освен сообрќајот, во Кито бил запален автомобил, бомба експлодирала во некој помал град во околината, и тоа е тоа. Кито е мирен и вон проблемите. Подоцна, по медиумите ќе читаме за „хаос во Еквадор, немири во Кито”. Современото новинарство е срозано до неверојатни низини.
Дечкото со пончо во хотелот ни вели да не излегуваме таа вечер. Иван ми вели дека претеруваат, градот е потполно мирен. Но штом излеговме, приметуваме дека е премногу мирен. Ние бевме единствени на улиците. Му велам на Иван, двајца Американци шетаат по празен Кито. Не ќе да е на добро. Се враќаме во хотелот, со чаши во раце, се качивме на неосветлената тераса со сега одличен ноќен поглед на градот над кој владее штама. Муабетиме со дечкото во пончо. Му спомнувам дека сум минал низ војни во 90-тите. Му велам дека најголем непријател им е стравот. Заради тоа се случи нападот на ТВ станицата. Ме прашува колку луѓе загинале во војните на Балканот во 90-тите. Му кажувам, пребледува. Имало и бетер од јужноамерикански “политички ситуации.”
Се јавуваме по дома да кажеме дека сме ОК. Јас со моето гласно дерење на телефон со жена ми во Бостон, преплашив еден млад пар кој се искачуваше на терасата. Можам да замислам како им изгледав: источноевропски тип, кој се дере на некој словенски јазик, во мрак, на сред полициски час во Јужна Америка, со тон за кој моите синови велат дека е константна кавга за по дома, а јас и жена ми си го викаме муабет (на балкански начин, де). Им се правдам дека зборувам со жена ми, како да тоа има врска со било што. Се изнасмеавме заедно, преплашени и јас и тие.
Се обидуваме да најдеме информации за транспорт кон аеродромот. Ако е полициски час, како ќе најдеме такси. Гледаме по портали за вести, ништо. Пробуваме на сајтот на Стејт Департмент, штуро. Ми текнува да го проверам британскиот Форен Офис. Бинго! Полицискиот час не важи за такси кое оди кон аеродром. Британците верувам секунда после настаните имале објавено информации. Не е чудо дека го освоиле светот. Иван ми покажува статија на Гардијан каде се спомнуваат балкански врски во замешанијата. Од турско до сега, успеваме да станеме светски, извор на криминал по светот. И на Еквадор му го избуричкавме севичето.
Вечерта во ресторанот во хотелот, сите шепотат, како да ќе нè слушнат криминалците. Атмосферата е студена, и тоа буквално. Вечерите на Андите се остри. Дечкото со пончо ни носи и нам по едно пончо, да се згрееме. И така, со полициски час надвор, со пончо кое си врши работа (навистина грее одлично), с’ркам севиче, вид на кремаста студена супа со неварена риба. Ставам пукански и плантани во неа, „како вистински Еквадорец”, како што ни рече келнерот.
Наутро поминавме низ една релативно релаксирана полициска контрола. На аеродромот немаше паника, но Иван ми вели дека Американ веќе почна да откажува летови. За сламка синко. „Ова всушност беше голем ризик,” ми вели. Се согласувам. На ризик се познава шизик.
Во авионот го читам романот „Галапагос“ на Курт Вонегат. Не ми оди. Мислите ми се кај Емилија, и она што ми го кажа за најдобар начин да се истражи Амазонија. Составувам стратегија како ќе ја убедам жена ми Данијела да дојде со мене. Ќе рентираш кола во Кито, ќе се спуштиш до Кока, градот во делот на Амазонија во Еквадор. Тука се зема брод кој те носи до Манаус...
Прв дел од репортажата тука
Повеќе фотографии тука