пишува: Илија Дуковски
Првиот впечаток за Галапагос е дека е жестоко место. После неколку часа во авион од аеродромот во Кито, Еквадор, и прелетани повеќе од 1000 км над Пацификот, првата глетка на Галапагос ми беа два острови, малата и големата Дафни. Од далеку изгледаат како на нив да нема ништо. Само пусти карпи, пржени од прејако сонце. Глетката неминовно предизвикува немир. Ова очигледно не е место за луѓе. (Во тој момент, ни на крај памет не би ми дошло дека после една недела, на враќање накај дома, во бежанија од нарко-мафијата во Кито, не ќе ми е баш до луѓе.)
Мислите ми одеа кон научниците, брачниот пар Грантови и нивните студенти, кои поминале децении на големата Дафни; ги проучувале дарвиновите ѕвингалки, неколку видови птици, на кои ја докажале теоријата на природна селекција, адаптација и еволуција на Чарлс Дарвин.
Првиот предлог да одиме на Галапагос дојде од другар ми Иван. „Одиме на научнички аџилак. Како што верниците одат во Ерусалим и Мека, така и ние, научниците треба да одиме на Галапагос“.
И навистина, Галапагос е местото каде што започна современата биологија. Во 1835 година, Чарлс Дарвин ги посетил островите, и тука за прв пат забележал дека секој остров има уникатни видови на животни и растенија. Иако островите геолошки се речиси идентични, создадени од вулкани, со сѐ уште видлива скаменета лава, животинскиот и растителниот свет на секој од островите е поинаков. Таа негова опсервација била првиот чекор кон теоријата на еволуција.
Ова го удрило во глава кога уловил четири различни вида на подбивни птици од родот Mimus, на четири различни острови. Подбивните птици (името го добија затоа што немаат своја песна, туку ги имитираат другите птици) ги има низ цела Северна и Јужна Америка, но на континентот секој посебен вид е распространет на посебна и огромна територија. Северната подбивна птица, Mimus polyglottos, може да се најде од југот на Мексико до Канада. Тропската потсмев-птица, Mimus gilvus, пее од Средна Америка па сѐ до југот на Бразил. Тука на Галапагос, покрај галапагос подбивната птица, Mimus parvulus, која ја има на повеќето острови на архипелагот (прикажана на сликата), Дарвин уловил уште три други видови на три острови: сан кристобал (Mimus melanotis), флореана (Mimus trifasciatus), и еспањола (Mimus macdonaldi) подбивни птици.
На секој од островите живее само еден вид подбивна птица. Дарвин бил запрепастен. Зошто тука на Галапагос, на острови кои се фактички идентични, со иста клима, иста почва, оддалечени само небаре дваесетина километри еден од друг, има дури четири вида на птици од ист род?
Размислувајќи за подбивните птици, Дарвин сфатил дека истото важи и за други видови на животни, но и растенија (подоцна ќе ви кажам за шуми со голем број на видови високи дрвја, сите сродни со нашата камилица). Која ли сила, ќе се запраша, ја создава оваа разновидност. Која сила ги создава видовите? Одговорот до кој дошол Дарвин секако е природната селекција и адаптација кон средината која води кон еволуција на видовите. Во својот дневник за патувањето, Дарвин ја запишал првата реченица, воведот во неговата теорија која е зачната тука, на Галапагос:“…one is astonished at the amount of creative force, if such an expression may be used, displayed on these small, barren, rocky islands; and still more so, at its diverse yet analogous action on points so near each other” (задебелените букви се мои).
Дарвин, додуша, потполно промашил да ја забележи природната селекција и адаптација кај друга група на птици, дарвиновите ѕвингалки. Примероците на ѕвингалки кои ги собирал по Галапагос не ги бележел. Иако собрал добар број на примероци по островите, и иако приметил дека клуновите на ѕвингалките варираат во голема мерка, не бележел кој примерок од кој остров доаѓа. Ги ставил сите во иста торба мислејќи дека сите се варијанти на еден вид. Дури по враќањето во Англија, орнитологот (специјалист за птици) Џон Гулд, откако ги прегледал примероците, му јавил на Дарвин дека тој всушност собрал една дузина видови.
На начин сличен на оној на кој подбивните птици еволуирале во 4 различни видови, денес знаеме дека меѓусебно исклучително сличните ѕвингалки на Галапагос еволуирале во цели 17 видови. Иако Дарвин никогаш не ги спомнал во својот семинален труд, “Потеклото на видовите” (веројатно да не се бламира со фактот дека не ставал етикети на примероците), ѕвингалките денес го носат неговото име. Причината за името е дека дарвиновите ѕвингалки се една од ретките групи на организми на кои е докажана неговата теорија на еволуција.
Дарвиновите ѕвингалки се поделени на 4 рода. Родот Geospiza, земните ѕвингалки, содржи најмногу видови, девет, и во главно се хранат со семиња. Мажјаците се црни, женките се сиви. Видовите се разликуваат по големината и обликот на клунот. Малата земна ѕвингалка, Geospiza fuliginosa, има најмал клун, и се храни со ситни семиња, умее да се справи со семки мали како сусам или мак. Големата, Geospiza magnirostris, има огромен широк клун, и се храни со семиња до големина на семка од цреша. Средната, Geospiza fortis, е нешто помеѓу малата и големата. Се храни со секакви семиња. Малата и големата значи специјализираат во исхраната. Средната е повеќе генералист. Клунот им е црн кога се гнездат, а станува жолт вон сезоната на гнездење.
Член на родот Geospiza e и кактус ѕвингалката, Geospiza scandens. Оваа ѕвингалка има долг и остар клун. Должината на клунот и е адаптирана за исхрана на големите кактуси кои растат на сувите делови на Галапагос. Долгиот клун им овозможува да боцкаат кактуси во потрага по храна, а да избегнат трњето на кактусите да им го боцкаат лицето. За разлика од неа, остроклуната ѕвингалка Geospiza difficilis, исто така има остар, но пократок клун. Се верува дека првата дарвинова ѕвингалка од која потекнуваат, од која еволуирале сите други видови, личела во голема мерка на остроклуната. Веројатно се населила на Галапагос од Јужна Америка пред само неколку милиони години.
Имено, слично како и подбивните птици, и ѕвингалките имат неколку слични и многу сродни видови во Јужна Америка од кои веројатно потекнуваат. Супер сродна на остроклуната, една од ѕвингалките живее на едни од најмладите острови на архипелагот, островите Дарвин и Волф. На тие остров скоро и да нема вегетација, но има морски птици кои се гнездат таму. Ѕвингалките на островите Дарвин и Волф со текот на еволуцијата се прилагодиле да се храни така што ги боцкаат пилињата на птиците кои се гнездат таму, се додека не им потече крв со која се хранат. Остроклуните ѕвингалки еволуирале во нов вид, соодветно наречен вампир ѕвингалка, Geospiza septentrionalis.
Она што ме изненади кога читав за Галапагос и Дарвин пред патувањето, е дека неговата теорија е потврдена на многу мал број на примери. Постојат студии за род на гуштери на Карибите и жаби во Јужна Америка. До некаде 1970те скоро и да не постоеле примери на природна селекција. Тука во игра влегле брачниот пар Грантови, биолози од Универзитетот Принстон. Тие во 1972 година дошле на островот Дафни да ги проучуваат средните ѕвингалки. Поминале години, децении, се до 1990-те, во шатор на остров на кој нема луѓе, нема сенка, нема воопшто вода. Работата им се состоела во неуморно мерење на димензиите на клуновите на ѕвингалките. Секоја година, им ги мереле клуновите на скоро сите птици присутни на целиот остров. Од година до година, големината на клуновите не се менувала. Секако не сите имале иста големина. Некои индивидуи имале поголем, некои помал клун. Но дистрибуцијата на големини била стабилна. Но, една година била исклучително сушна, и брачниот пар имал прилика да ја види еволуцијата како си работи.
Сушата ги попарила скоро сите помали растенија на островот. Останало само некое трње со големи и тврди мешунки. Ѕвингалките со помали клунови немале доволно сила да ги крцкаат мешунките, и скоро ниеден пар од помалите не успеале да се гнездат. Следната година, кога Грантови ги измериле клуновите на новата генерација пилиња, заклучиле дека новата генерација има во просек поголеми клунови од претходната. Не просечно поголеми од нивните родители. Но, поголеми клунови од генерацијата која се родила претходната година. Само родителите со големи клунови успеале да произведат нова генерација. Теоријата на природна селекција на Дарвин била докажана.
Кога слегов од авионот на аеродромот на островот Балтра, прво на што ми отиде окото е опунција кактус, Opuntia galapgeia, а на кактусот, кактус ѕвингалка. Тука ме удри една дилема дали да се распакувам, да ја вадам камерата со 500мм објектив и да почнам да ги сликам, пред царина пред сѐ. Ајде, ќе има, се надевам, пак прилика. После царината, на која другар ми Иван се задржа малку повеќе од мене, одам во холот на малиот аеродром, и ја среќавам Изабела, нашиот водич. Додека ѝ се претставувам, не ме држи вниманието на неа. Ги гледам малите црни ѕвингалки кои се мотаат околу нозете на патниците. Ни страв ни перде. Птиците и животните на Галапагос не се плашат од луѓе. Зборувам со Изабела, а истовремено се обидувам да ги идентификувам ѕвингалките. Средни ли се, малите ли се. Ќе видам ли голема. Знам дека тие се најретки. Ќе треба среќа голема, да се види големата.
Го чекаме Иван. Ѝ велам на Изабела ќе одам да ги сликам ѕвингалките. Само се насмеа, и ми рече, „секако“. Имала искуство со птичари. Додека ја извадив камерата, еве го Иван. Немам време, одам зашеметен. Островот е пуст, со по некој кактус. Сонцето пече, точно над глава, точно на екваторот сме. Брзаме накај автобусот. Јас со торба во една рака, ранец во друга, камера не знам во која рака, двоглед околу врат, се тетеравам некако. Дојдовме во птичарски рај.
На пат кон хотелот, на островот Санта Круз, приметувам дека вегетацијата се менува исклучително брзо. Од пустиња само со трње и кактуси, за пар километри доаѓаме до сива шума која е без лисја. Сега е сувата сезона. Дрвјата ќе пролистаат кога ќе дојдат дождовите. Малку понатаму, само 5-6 километри, почнуваме да се качуваме на планина. Вегетацијата сега е сета во зеленило. Доаѓаме до тропска облачна шума која секогаш е во облаци, во која секојдневно паѓа дожд. Изабела ни посочи ливада на која мирно си пасеа неколку огромни ендемични галапагос желки, Chelonoidis niger. И желките на Галапагос се добар пример на еволуција, адаптирани кон средината. Практично секој остров си има посебен подвид. На островите со зеленило, желките пасат трева, и вратовите им се кратки. На островите само со високи кактуси желките развиле долги вратови кои им овозможуваат да ги достигнат високите млади и зелени делови на кактусите со кои се хранат.
Застануваме во облачната шума и уште неизлезен од колата ме поздрави една ендемична галапагос подбивна птица. Понатаму здогледав ендемична галапагос муварка, Myarchus magnirostris. Пар ендемични галапагос гугутки, Zenaida galapagoensis, си колваа семки покрај патот. Скоро сите видови тука се ендемични, живеат само на Галапагос и никаде на друго место. Пулсот ми отиде на црвено кога видов зелена свиркач-ѕвингалка, Certhidea olivacea. Свиркач-ѕвингалката е сродна со другите дарвинови ѕвингалки, но овој вид се прилагодил да јаде бубачки, и нејзиниот клун е нежен и тенок како пинцета. Пинцета со која прецизно лови инсекти.
Недалеку е и гратчето Пуерто Ајора во кое сме сместени. Градот е мал и симпатичен, сиот со ресторани и хотели, пекари и продавници. На Галапагос има малку луѓе, околу 25 илјади. Никој од надвор не може да купи куќа и да се насели тука. Галапагос формално е национален парк на Еквадор, и е исклучително строго заштитен од влијание од надвор. На границата нè претресуваа да не носиме семиња или било какви организми. Не смее ништо животински или растително нити да се внесе, ни да се изнесе од островите.
Не дека нема видови натрапници на архипелагот. Откако се сместивме во одличниот и удобниот мал хотел во Ајора, Изабела нè поведе на тура на Станицата Дарвин, фарма на која се одгледуваат големите желки со цел да се заштитат од изумирање. Присуството на луѓе и инвазивни видови, стаорци на пример кои дојдоа со луѓето и кои им ги јадат јајцата на желките, доведоа некои од нив на раб на изумирање. Тука во станицата приметувам мазноклунеста ани, Crotophaga ani. Ани е вид на црна кукавица внесена од Јужна Америка. Некој “паметен” се нашол да ги увезе овие агресивни птици за да јадат крлежи од стоката на фармите на Галапагос. Аните кога се нашле во нова околина, ги баталиле крлежите, и научиле да се хранат со пилињата на ѕвиналките. Денес аните се една од најголемите закани за опстанокот на голем број ендемични видови птици на Галапагос.
Следниот ден го посетивме островот Бартоломе. На островот од бродот (на кој покасно добро нѐ нахранија со риба), доаѓаме со гумен чамец. Забележувам дека под чамчето кружи една голема, околу 2 метри долга ајкула црноперка, Carcharhinus melanopterus. Претходната вечер видовме во Ајора неколку слични како лежерно патролираат во пристаништето. Не дека овие напаѓаат луѓе, ама сепак, 2 метри се 2 метри. Нивното внимание е фокусирано на морските лавови, исто ендемични за Галапагос, кои ни го блокираа докот на кој требаше да се качиме. Се обидовме да ги избуткаме некако, ама не ни успеа. Не пречекаа со негодување, ни ги покажаа забите и се издраа на нас. Животните, па ни овие морски лавови немаат предатори на копното и заради тоа не развиле страв од луѓе на Галапагос.
Бартоломе е еден од помладите острови тука, создаден од вулкан пред околу 2 милиони години. На тлото се уште се гледа како течела лавата, сега скаменета засекогаш. На него скоро воопшто и нема вегетација. Растенијата не можат да живеат на неорганска почва. Само покрај брегот, на плажите со песок од здробени школки има малку вегетација. На лавата живее само една единствена билка, лава кактусот, Brachycereus nesioticus. Овој кактус е пионер кој се адаптирал да вирее на скаменета лава, и е прв кој населува новосоздадени острови. Ткивото на овој кактус кога ќе остари и умре станува органска почва на која се населуваат другите растенија. Единствено животно кое живее тука е лава гуштерот, Microlophus albermarlensis, мажјаците со црна, а женките со јарко портокалова глава. Не ми е јасно како успеваат да живеат во оваа пустелија.
На враќање кон бродот забележуваме галапагос пингвин, Spheniscus mendiculus (погодивте, ендемичен). Ова е единствениот вид на пингвин кој живее на екваторот. Успеав да го изнасликам. Водичите не однесоа на плажа на која нуркавме. На Галапагос нема корални гребени, но тука главна атракција беше пар пингвини кои се мотаа околу нас во водата. Тек кога ќе видиш пингвин под вода разбираш колку вешти и брзи се овие птици во својот елемент. Неколку пати забележав дека еден од пингвините “леташе” во водата како куршум кон мене, за да скршне едно половина метар од пред мојот нос. Очигледно се зезаше со бавниот и несмасен “морж”. Водичите стоеја околу нас во чамците и не нѐ испуштија од вид. Покасно еден од нив ќе ми каже дека на таа плажа се појавила тигар ајкула, Galeocerdo cuvier, пред некоја недела, а тие не се шала. Знаат да лапнат и човек.
Два дена подоцна, при нуркање ќе видам неколку ајкули белопреки, Triaenodon obesus. Иако не напаѓаат луѓе, сепак се имаат случено несреќи, понекоја ајкула белоперка знае да грицне нуркач. Најчесто тоа се случува кога водичите фрлаат остатоци од риби да ги намамат, нуркачите да можат да ги видат. Ајкулите при мирис на крв губат памет (не дека го имаат инаку на претек) и знаат да станат исклучително агресивни. Средбата со белоперките ајкули прво не беше премногу страшна. Пливаа накај мене во пресрет, и се разминавме. Но, кога се свртев да ги видам каде ќе одат, ги изгубив од вид. Не знаев каде се. Големо шубе ми дојде, иако не се тигар ајкули, нити пак имаше крв од риби во водата. Ајкула си е ајкула.
Следниот ден Изабела не одведе на тура низ островот Санта Круз. По пат видовме и американско фламинго, Phenicopterus ruber (ендемичен подвид). Тука на плажата лежерно се капеа и сончаа неколку морски игуани, Amblyrhynchus cristatus. Овие игуани се адаптирале да се хранат во морето со алги. Се обидов да нуркам со нив, ама водата тука е премногу матна, нити па имав маска. Штета, следниот пат. На враќање, додека сликав една галапагос муварка, птичето ми слета на камерата. Веројатно привлечена од својот лик во објективот, без никаков страв од мене, си слета до моето лице, и си се гледавме очи во очи. Поголем мерак од тоа за еден птичар, тешко.
При посета на фарма каде се шетаа огромните желки, ја видов и сликав големата крошна-ѕвингалка, Camarynchus psittacula (да, ви реков, 17 видови ги има) која се прилагодила да живее на навистина високите дрвја од родот Scalesia на планините на Санта Круз. Дрвјата ги има неколку видови, со различни големини. Некои се огромни високи, Scalesia pedunculata висока до 20 метри, некои мали, како грмушки. Сите потекнуваат од една билка населена од Јужна Америка, а сродна со нашата камилица. Веројатно една од првите колонизатори на островите, еволуирала од билка налик на камилица во голем број на дрвја и грмушки. Еден поглед на цветовите на овие гиганти ви кажува сè. Камилица колку бука голема. Не ми оди некако “слушам кај шумат камилиците,” ама така е. Еволуцијата навистина е сила голема, како што кажа Дарвин.
Последен остров кој го посетивме е Плаја Сур (Јужна Плажа на шпански). Овој остров е сув, но доволно стар, има доволно почва на него да има мала “шума” со галапагос опунција кактуси Opuntia galapageia (знам, не ни морам да спомнам дека е ендемична). Кактусите се накитени со жолти цветови и неуморни кактус ѕвингалки кои се хранат на цветовите, лицата преполни со жолт полен. Тука живее и колонија на зелено-жолти копнени игуани, Conolophus subcristatus, роднини на морските, кои делат она малку сенка под кактусите со колонија на ластовица галеби, Creagrus furcatus, и црвеноклуни тропски птици, Phaethon aethereus, кои се гнездат на островот. Тропските птици, како снег бели, со јарк црвен клун и долга опашка ми се едни од најомилените птици воопшто. Цел живот го поминуваат на океаните, а на копно доаѓаат само да се гнездат, на некој непристапен остров како Плаја Сур. Се воодушевив кога водичот ни покажа нивно гнездо со пиле во него. Сличен живот водат и елиотовите буревесници, Oceanites gracilis galapagoensis (ендемичен подвид). Малечки колку ластовички, сето време лебдат над водата барајќи безрбетници. И тие на копно одат само да се гнездат.
Последното утро, пред враќање, излегов на мала прошетка на улиците на Пуерто Ајора. На докот покрај морето, човек мора да внимава да не стапне на некоја од морските игуани кои се сончаат на тротоарите. Бебиња на морски лавови и нивните мајки си лежат на клупите во паркот. Црвени краби, Grapsus grapsus, кулираат на камењата. Паркот е преполн со ѕвингалки. Сега веќе теренски искусен, успевам да ги идентификувам по клуновите. Малите се мотаат околу нозете на луѓето, средните ги има најмногу, пеат на сет глас. Минатата вечер заврна, ова е крај на сушната сезона, сивите дрвја пупат, се појавуваат првите листови, а ѕвингалките се спремаат да се гнездат. Носат трева во клуновите. Успевам да видам и две три од големите ѕвингалки. Имаат релативно огромни комплицирани клунови, и си се држат настрана, не се дружат со другите. Еволуцијата ги изолирала од средните и малите.
Во пристаништето група синостапални буби нуркаат и ловат риби. Овие птици им се омилени на локалците. Веројатно затоа што имаат блесав израз на лицето. Една од ретките фирми на Галапагос произведува чорапи со нивниот лик. Им купив чорапи на моите со буби, наместо типичните фигурички и магнети за фрижидер.
Си размислувам дека ги видов практично сите птици и животни на кои се надевав. Освен клукајдрвец ѕвингалката, Camarynchus pallida, птица која научила да користи орудија. Но за неа следниот пат. Неа ја промашив. Ќе морам да дојдам тука пак.
Сега назад во Кито, Еквадор, па дома во Бостон. Не се надевав, но патувањето во Кито ќе ни биде авантура за себе. Таму, високо на Андите нè чекаат: јужноамериканска “политичка ситуација” (со нарко-мафија, со сите нишани), кондорот, севиче и чај од кока.
За повеќе слики од патувањето тука.
Претходна репортажа од Илија - „Птиците на Цоцев камен“