Во Скопjе ќе бидете гостин на Меѓународниот книжевен фестивал Про-за Балкан. Со своето образование и практична работа вие сепак ги имате повеќекратно надминувано тесните граници на одредниците „книжевно“, „ликовно“, „филмско“. Кога се опишувате самите, што сте по „позив“, а не по „струка“?
Се занимавам со сето тоа, но кога пишувам или се бавам со „ликовна“ уметност, темата ми е секогаш филмот.
Имате изјавено дека за разлика од голем број ваши колеги-режисери вие немате проблем вашиот филмски стил и јазик да биде споредуван со оној на големите режисери од кои се имате инспирирано и учено, меѓу кои на пример е Хичкок. Кој би бил филмот што малиот Слободан Шијан посакал да го снима кога прв пат му текнало дека сака да биде режисер?
Не бев како Новак Ѓоковиќ, не сонував да го освојам Вимблдон (Оскар) кога имав 7 години! Не го сонувам тоа ни сега. Не сакам натпревари во уметноста, фестивали и фестивалски награди, иако тие денес станаа неминовност. Ја сакам слободата на избор. Шеташ по улица со кино-сали па нешто те привлекува. Може ќе се зафркнеш или не, но нешто и ќе откриеш. Да сум како Ноле, можеби како „мал“ би сонувал да направам некој Дизниев краток цртан филм со Пајо Паторот.
Поврзано со претходното прашање - кои 5 туѓи филмови би сакале да се ваши?
Таква желба можете да имате само како млад студент. Во мои години премногу знаете за филмот за да имате такви желби.
Имате напишано сценарио „Полнети тиквици со Лениновиот мозок“ заедно со Сања Домазет, врз основа на нејзина театарска драма, за филм кој никогаш не добил средства и не доживеа(л) да биде снимен. Поминаа 16 години помеѓу „СОС - спасете ни ги душите“, вашиот засега последен филм и новиот, „Буди Бог са нама“, кој се работи десет години и колку што знаеме во моментов е во фаза на монтажа. Дали има некој друг проект за којшто јавноста не знае, а вам ви е посебно криво што не се случил?
Па, „Полнети тиквици со Лениновиот мозок“ е навистина проект кој многу ми значи и навистина ми е жал што не го снимив. И уште ми значи, а времето покажа дека тоа беше момент за нешто такво. Замислите тој филм да го снимивме, да речеме во 1998! Повторно би ми кажале дека сум ја предвидел иднината, ова трагикомично мерење на силите меѓу Русија и Америка. Секако, во зависност од мигот на реализација, секој проект може и мора да се прилагоди на времето на производство.
„Буди Бог са нама“ е мешавина на замислена и документирана биографија на Бошко Токин, писател, преведувач, член на движењето Зенитизам. Дали екстремните историски, политички и други околности создаваат вакви екстремно креативни и влијателни ликови и иста таква уметност?
Нашиот филм не е некоја документирана биографија, тоа би било досадно. Поднасловот е „Фантазија за една судбина“. Слободно искомбиниравме познати и непознати ликови од периодот на дваесетите години на минатиот век во Белград. Сакавме да покажеме млади луѓе, авангардни уметници, излезени од една ужасна војна, кои сакаат да го променат светот. Но филмот тоа ќе го прикаже на забавен а не на умислен начин. Дејството се фокусира на неговиот обид на снимање „вистински уметнички филм“ во Белград.
Зошто си отидовте од ЛА каде бевте професор на Универзитетот во Лојола?
Имав семејни причини. Мајка ми беше тешко болна. Ѝ требаше помош.
Ја отворивте вратата на САНУ за филмската уметност. Како 30-годишниот Слободан би реагирал на веста дека 70-годишниот Шијан станал член на Академијата?
Па примен сум поради филмовите кои и ги имав снимено како триесетгодишник :)
Во едно ваше интервју го спомнувате дружењето со Стево Црвенковски. Сте имале ли соработка со колеги од Македонија (актери, режисери, други)?
Па, да. Тоа беше „меѓународно“ друштво околу Тома Готовац кој тогаш беше студент на АПФРТ. Интензивно се дружевме гледајќи филмови по Белград. Во тоа друштво беа и Стево Црвенковски но и Русомир Богдановски.
Кога би се правеле римејк на „Ко то тамо пева“, кој би бил во превозното средство и каде би оделе ликовите? Можеби секој би гледал во мобилниот и би ќутеле, а автобусот би се управувал самиот? Или тој би бил полн со сервери а дијалозите би биле чет-ови на интернет?
Немам поим.
Во нормална атмосфера, не би можел да се замисли поинаков кастинг од оној за „Маратонци“. Но, во исклучителни околности, заради психотропни супстанци или неодолива понудан од моќен холивудски продуцент, кој од светските глумци би ги толкувал Топаловиќ, кој бил Бил Питон, Кристина, Џенка?
Не може тоа да се одлучи набрзина, бидејќи поделбата на улогите е најважното нешто на филм.
Во „Маратонци“ има еден антологиски дијалог кога Лаки се подготвува за двобој со опакиот Питон:
Jesi li ti ikad pucao iz pištolja?"
"Jesam"
"Gde si pucao?
"Na svadbama!"
"U šta si pucao?"
"U vazduh."
"Pa jesi ga bar pogodio?!"
Дали имате чувство дека со сето она што до сега го имате направено сте погодиле (во) некого или во нешто?
Драго ми е ако на кино публиката сум им пружил задоволство со филмовите кои сум ги режирал, но понекогаш ме збунува некој вид хистерија околу сето тоа. Како на луѓето никогаш да не им е доста и како да сакаат вечно повторување на едно исто! Се надевам дека во филмовите кои сум ги режирал нема многу повторување, затоа што тоа е досадно, а јас сакав да правам забавни филмови.
Целосна програма на фестивалот Про-за Балкан тука