Почетокот на „Наставничка канцеларија“ нè потсети на „Лекција“ (Урок - осврт тука), бугарскиот филм од 2014, во кој наставничка во основно се опседнува со пронаоѓање крадец помеѓу учениците, за на крај наместо нему, лекцијата да си ја одржи самата на себе.
„Наставничка канцеларија“, овогодинешниот германски кандидат за Оскар на турско-германскиот режисер и ко-сценарист Илкер Чатак, започнува со слична премиса - пронаоѓање на крадецот на пари и пенкала во средно училиште. Младата наставничка Карла, неодамна вработена во школото и се уште недопрена од долгата рака на институционалната апатија, прави сè што може да си ги мотивира учениците, но и да ги заштити кога се неправедно обвинети.
Но нејзиниот обид да вклучи камера во наставничкиот кабинет и еднаш засекогаш да го разреши случајот се покажува како вовед во несреќна низа настани, кои со секој следен чекор само дополнително ја усложнуваат и онака тензичната атмосфера. Сакајќи да ја истера правдата, Карла во еден момент се наоѓа сардисана од сите останати - од родителите кои во неа гледаат манипулаторка, од колегите кои не можат да се одлучат помеѓу политичка коректност („вордингот“) и ефикасната истрага, и самите ученици, кои иако се уште изгледаат како невини деца, ѝ ги бојкотираат часовите и ја местат да даде интервју за школскиот весник за од тоа да направат сензационалистичка статија во која изјавите ѝ се извадени од контекст.
Клучниот доказ - појавата на кошула со ѕвездички во видеото со „крадецот“ - станува симбол на овој судир на светови, од една страна чистотата на детството и учителските идеали, од другата економските, расните и политичките реалности во кои живеат истите тие деца и нивните родители. Оградата на школскиот двор не е доволно силна брана за одделување на образованието од остатокот од општеството, а кога таа еднаш ќе се сруши, дотогаш внимателно градената илузија е веднаш однесена од разулавената вода.
Единствено што ни остана нејасно е крајот на оваа приказна, во кој не е баш јасно кој победува. Ова е и тема на повеќе текстови и видеа кои го анализираат филмот, чиј крај можеби е намерно оставен отворен за интерпретација. Без оглед на разрешницата, потребата да се изнавикате некому и за нешто ќе ве следи уште некое време.
Илина, Букбокс