Букбокс гледаше: „Како да - со Џон Вилсон“ (докусерија)

Да се опише она што го прави Џон Вилсон како „документаристика“ е недоволно поетично. „Мемоар“ е пренарцисоидно. „Автоетнографија“, преакадемски. Ова е всушност туторијал, како да се прават нештата за да се (пре)живее. 

„Анксиозни доку-комични етиди кои се претвораат во откачени истражувања на градскиот живот“.

Вака гласи еден од описите на „Како да, со Џон Вилсон“, серија која почна да се прикажува на ХБО во октомври 2020 и до сега има 3 сезони. 

Нараторот, имено самиот Џон, кого никогаш не го гледаме во кадар освен посредно, преку слики или одрази во излози и огледала, во секоја епизода се обидува да даде „упатства“ за тоа како да се прават голем број корисни и помалку корисни нешта. Некои од насловите на епизодите се - „Како да водиш неформален муабет“, „Како да си ја подобриш меморијата“, „Како да си најдеш јавно ВЦ“ итн. 

Со оглед на форматот на поставеното прашање, и сценариото е напишано во второ лице еднина, што значи постојано ставање на гледачот во опишаната ситуација. „Ти си од Њујорк и бараш паркинг најблиску до зградата...“, се вели во епизодата How To Find a Spot. И иако не си го ни помирисал Њујорк, а уште помалку си возел кола во него, низ приказната толку се идентификуваш со сиротиот жител на Големото јаболко, што кога Џон ќе наиде на „бинго“ место, точно пред својот праг, среќен си како тоа да ти се случило тебе - бришан простор со идеални димензии под голем даб, среде Клинички центар.  

Иако снимањето на каква и да е, па и на документаристичка серија, сигурно подразбира многу планирање, стилот на Вилсон делува лежерен и спонтан. Случајна средба со соговорник носи низ „зајачка дупка“ на паралелни реалности, која од која пооткачени. Така, во епизодата за меморијата, тој се запознава со заедница на луѓе кои го искусиле тн. Ефект на Мандела (види тука), односно имаат лажни спомени, кои според нив воопшто не се лажни туку се гличови во Матриксот или резултат на теории на заговор. Неговиот однос кон нивните приказни е на ниво на дете кое се чуди. Не коментира, не суди, само е тивко восхитен од постоењето на нештата во различни форми и облици - невини, грди, зли, добри. 

И после цел текст, најточното што може да се каже за серијава е дека морате да ја видите за да сфатите за што станува збор. Дали ќе ви се допадне или не многу зависи од личниот сензибилитет и начинот на кој ги гледате или не ги гледате нештата околу вас - со резигнираност и цинизам или со љубопитство и генерална благодарност што си жив. Џон, сакал или не, низ своите приказни се претвори во наш селф-хелп гуру.

Илина, Букбокс

14 јуни 2025 - 09:53