Ефектот на Мандела е име за феномен на помнење на нешто кое е различно од реалното. Не станува збор за некои сеќавања формирани во трауматични околности, кои би ја објасниле разликата, туку обични работи - на пример дека некој филм постоел („абе 100%, сум го гледал“) а не постоел, дека нешто се случило таа и таа година (а се случило некоја сосема друга) и сл. Токму поради последново ефектот и го добил името - многумина се сеќаваат дека Нелсон Мандела умрел во 1980-тите во затвор во Јужна Африка, а не во 2013 како што тоа го забележала официјалната историја.
И ако ова ви звучи како да има врска со заговори и лажни вести, тоа е затоа што има. Имено, кога многумина се сеќаваат дека било некако, а друга голема група вели дека не било така (исто како и Гугл, енциклопедии и куп други референтни извори), тогаш првата група може да развие теорија дека нејзините лажни мемории се доказ дека во светот нешто не е во ред, дека се има појавено некој „глич“ кој направил преуредување на фактите во нечии глави, и дека тоа може да се должи и на нечија свесна намера, да ја пренапише историјата.
Додуша има и поинакви теории. На форумите и групите за дискусија на овој ефект некој напишал: „Ако го доживувате ефектот на Мандела, тоа е затоа што достигнувате повисоко ниво на свест. Влегувате во петдимензионална реалност каде го перцепирате времето на различен начин. Активирате нови делови од вашата ДНК“.
Толкувањето на појавата на овој ефект може да ве однесе низ „зајачката дупка“, кон метафизика или кон параноја, сомневање во сопствените умствени способности или во природата на реалноста. И иако секој различно реагира на овој феномен, една заедничка карактеристика на онлајн заедницата која се занимава со него е недоверба во технологијата, во медиумите и во авторитетните фигури.
И за ова има добра причина - вестите можат да влијаат врз нашите визуелни мемории, а некомплетните, „наводни“ приказни можат да доведат до формирање заклучоци кои во свеста се цементират како вистини. Освен тоа, луѓето кои се посклони кон визуелизирани фантазии се исто така склони кон имање поголем број лажни мемории. Тоа не е затоа што нешто не е во ред со нив, туку само затоа што нивниот мемориски систем е преполн со податоци, чија вистинитост односно лажност во еден момент веќе е тешко да се разликува. Така, тие прибегнуваат кон тн. конфабулации, што е различно од лажење, бидејќи немаат намера никого да излажат, туку тие вистински веруваат дека „запомнетите“ детали се реални.
Исто како ние кога се колнеме дека сме пишувале статија на некоја тема, чиј линк никаде го нема.