„Калико“ е опишана на следниов начин: зашијте покривка, соберете „копчиња“, привлечете мачки. Со тоа, овој осврт би можел и да заврши тука, бидејќи сè е кажано.
Но...
Најпрвин за името, кое прво мислевме дека е можеби на мачорот на дизајнерот на играта. Toa има две значења - така се викаат оние тробојни мачки, бели со црно-портокалово-кафени дамки и обично женски (машка калико мачка има една на 3000). Но второто значење во британски англиски е тип необработено платно (што би рекле „селско“), порано главно „валкано“ бело, денес индустриски декорирано во различни стилови.
Калико потекнува од југозападната индијска држава Керала, каде било произведувано со векови пред да го откријат европските трговци. Најмалку од 12-тиот век, тоа служело како релативно евтино а многу издржливо платно, особено користено од сликарите (за она „масло на платно“), но и од модните дизајнери. Калико е всушност од „Каликут“, англиското име за град во Керала каде португалските трговци прв пат го виделе платното. Традиционално, тие биле орнаментирани со специјализирано перо од бамбус или со печатење со дрвени блокови.
Толку за името, како за интересна игра на зборови која ги спојува тробојните мачки и обоените плочки (дури и ова се римува).
Играта е за 1-4 играчи, трае до 45 минути, и иако е наведено дека е за возраст над 10 години, поради едноставните правила границата може да се помести и малку подолу, бидејќи темата мачиња изгледа како идеална за воведување на децата во светот на друштвените игри.
За оние поупатените, таа спаѓа во категоријата „тајл плејсинг“ (поставување плочки), што значи дека играчите додаваат плочки на основата, што со време ја развива и усложнува играта. Во случајов она што се додава се парчиња ткаенина, а од тоа какво ќе биде платното (со каква шара и/или боја) и каде ќе биде поставено зависи конечното бодување.
Истовремено, треба да се внимава на тоа на каква подлога сакаат да лежат мачињата, кои ги има 12. Не само што сите се означени со имиња, туку во упатството се претставени со фотографија и цело Си-ви. Играта ја купивме во Солун, и упатството е само на грчки, но успеавме да сфатиме дека извесна Руми живее во Орегон, сака да запознава нови луѓе и да пие од чешма. Коконат била напуштена како мала и живеела некое време на улица во Њу Џерси, за потоа да си најде топол дом. „Посвоени“ се и повеќето други мачки, а некои од нив се веќе пензионери, како Лео кој има 16 накај 17 години и е опишан како „софистициран и кул џентлмен“.
На почетокот од играта по случаен избор се издвојуваат три од мачките, па согласно нивните преференци за подлога наведени на нивните картички, играчите ги комбинираат плочките (на пример ако Коконат сака да лежи на подлога составена од 7 плочки со риги ќе треба да се реди таква група).
Уште по првото играње „Калико“ ни асоцираше на две нешта - одличната „Печворк“ во која нема мачки, но има „шиење“ подлога и поставување плочки. Второто беше шега, дека ова е „Вингспен“ со мачки, со тоа што наместо различни видови птици со општи имиња имаме 12 поединечни мачки со нивни аристократски барања на кои треба да им се удоволи. Многу лесно можела да биде една иста „генеричка“ мачка, со што би се скратило времето на поставување на играта, ама па нели ова се суштества познати по индивидуалноста?
Истовремено добра и помалку добра карактеристика на играњето вакви игри е што можеш да ја играш сам, ама и кога ја играат повеќе души единственото нешто на кое човек обрнува внимание кога се на ред другите е дали ќе ти ја земат пред нос плочката што ти треба. Практично, секој игра со својата основа и сфаќа што направил другиот дури на крај, при бодувањето. Но токму тоа дава една медитативна нота, исто како кога галите мачка расположена за тоа. Нашите живеат во двор, имаат јапонски имиња, Мару или Маре и Јуки или Снеже, и ич не се расположени за човечки контакт - освен кога треба да се јаде. Може ако им сплетеме вакво ќебенце ќе се предомислат?
Илина, Букбокс