Писателката Надифа Мохамед е презентерка на нова документарна серија на британскиот Канал 4 која ја прикажува историјата на тн. „човечки зоолошки“ во оваа земја, во кои луѓе од Африка и Азија биле изложувани на погледите на јавноста.
Како дел од проектот Мохамед го претставува истражувачот Кол Џејмс Харисон. Во 1904 тој донел две жени и четворица мажи од етничката група Бамбути, еден од неколкуте пигмејски народи во Конго. Неговата цел била да ги прикаже како дел од турнеја низ Британија, како егзотични претставници на помалку цивилизирани раси во споредба со белата.
Во 1906, Амуриапе, една од жените од племето, родила девојче кое било мртвородено. Мохамед низ снимањето на филмот сфаќа дека остатоците се во сопственост на Кралскиот колеџ на хирурзи при музејот Хантериан во Лондон. Тие до скоро беа дел од неговиот каталог и достапни по барање во склоп на медицински истражувања.
„Имав чуство дека не смееме да ја оставиме работата така и дека бебето мора да биде соодветно закопано“, изјавила Мохамед. Таа додала дека била во контакт со денешни членови на племето Бамбути во Демократска република Конго, кои не биле свесни за приказната. Во нивната традицијата душата на човекот не е мирна додека тој не биде соодветно закопан, а ова важи посебно за бебиња.
Музејот Хантериан во водичите за Лондон се рекламира како „необично место за прв љубовен состанок“ или соодветен за Ноќта на вештерките. Според реакциите на јавноста таму времето застанало и се уште важат викторијанските стандарди за тоа како треба да бидат третирани телата на оние „различните“.
На почетокот на оваа година истиот музеј се соочи со уште една контроверза - тој ја бранеше својата одлука да го задржи скелетот на Чарлс Брн, Ирец кој живеел во 18 век и бил висок 2 метра и 28 сантиметри, иако истиот беше тргнат од изложбените простори. Повеќемина интелектуалци во Британија со години повикуваа скелетот да биде закопан согласно документираните желби на покојникот.