Maрт 1945. Германскиот град Хилдесхајм бил бомбардиран од сојузниците. Голем број објекти биле уништени, жителите на градот останале без покрив на главата, имало 1500 жртви. Но сите биле среќни што едно нешто успеало да се спаси - Rosa Canina, или дива кучешка роза, зелена грмушка со бели цветови, која и претходно доживувала тешки времиња но некако магично се опоравувала. Нејзината возраст денес се проценува на околу 1000 години.
Легедната има повеќе верзии, но една од нив вели дека во средниот век градот бил значаен центар за индустријата за бронза. Од тука се извезувале бронзени производи низ целиот свет. Сепак, она по што градот станал славен била токму - ружата.
Во 815 година, синот на Карло Велики, Лудовик Први Побожниот уживал на лов во Централна Германија, кога едноставно се загубил. Барајќи си го патот, налетал на грмушка ружа која била процветана среде зима и среде снегот. Одлучил дека сака да изгради катедрала токму на тоа место, посветена на Богородица. Така и се случило, а во катедралата бил отворен и реликвијариум, каде и денес се чуваат остатоци од телото на дева Марија.
Гласот за градот, катедралата и розата бргу се проширил. Голем број аџии во средниот век доаѓале во него, исто како што денес на местото доаѓаат бројни туристи. Грмушката е се уште жива, иако тоа не е баш вообичаено. Ботаничарите велат дека дури и во најдобри околности, животниот век на една роза од овој вид е максимум 3 века.
Кон крајот на Втората светска војна целиот надземен дел од розата бил уништен, но од рушевините пораснале нови гранки од коренот кој преживеал.
Денес околу неа има железна ограда и секој од централните корени е именуван и каталогизиран за да се заштити едно од најстарите парчиња природна убавина, кое е прогласено за културно наследство од страна на УНЕСКО.