Серијата „Борген“, за којашто претходно пишувавме тука, е нарекувана европска „Хаус оф кардс“, почнува со тоа што Биргите Ниборг, до тогаш маргинална политичарка во данскиот парламент, станува прва жена-премиер на Данска. Една година по премиерата на серијата во реалниот живот прва премиерка на Данска стана социјал-демократката Хеле Торнинг-Шмид. Истовремено, со оглед на тоа што епизодите се занимаваа со „жешки“ теми како проституција или индустријализирано одгледување свињи, понекогаш било тешко да се разликува што е фикција а што реалност, особено затоа што серијата се емитувала во недела, непосредно пред главните вести.
Речиси десет години по завршувањето на третата сезона, серијата се враќа со четврта. „Борген: моќ и слава“ ја следи сега средовечната Ниборг, која откако даде оставка на премиерската позиција стана министерка за надворешни работи. Авторот на серијата, Прајс, и понатаму е визионер - во првата епизода Ниборг спомнува санкционирање руски олигарх поради неодамнешна инвазија на Украина. Ова е најверојатно напишано по асоцијација на анексијата на Крим од 2014, но сега приказната одекнува како да е дел од геополитичката сегашност. Една недела откако таа прва епизода беше прикажана во Данска, Русија влезе во Украина.
Новата сезона има една главна наративна линија, што е истовремено и одлично (со оглед на честите скокови од скандал во скандал во претходните), но и по малку здодевно. Имено, сè се врти околку откривањето нафта на Гренланд, што поттикнува политички проблеми со супер-силите Кина, Русија и САД, сите со амбиции да се наметнат на Арктикот. Веќе тензичните односи помеѓу Данска и Гренланд се доведени до точка на вриење, околу тоа кој има право на профитот од производството на нафта, но и околу куп еколошки и климатски проблеми што ги подразбираат фосилните горива.
Иако во серијата има референци на колонијалното минато на Данска, сепак за целосно разбирање на приказната потребно е да се знаат неколку факти. Данска го колонизира Гренланд во 18 век, а САД за малку ќе го присвоеле островот во текот на Втората светска војна. Во 1953, Данска иницирала „деколонизација“ на земјата со интегрирање на Гренланд како рамноправен дел од Данска. Но желбата на домородното население за независност доведе до автономија. Денес правото на самоопределување на жителите на Гренланд е признаено и повеќето политики, освен надворешните работи, се одлучуваат таму. Сепак, злоупотребата на колонијалното владеење низ модерната историја има доведено до социјални проблеми како алкохолизам, невработеност и самоубиства.
Ваквото темно минато беше тема и на претходни епизоди од серијата, а Ниборг и во оваа смета дека Гренланѓаните не се способни да си ја водат сопствената земја и дека тие само чекаат мразот да се стопи за да почнат со копањето нафта и да се збогатат. Аргументот пак на домородното население е дека тие се жртви, а не причинители на климатските промени, и дека парите од нафтата ќе им помогнат да станат не само формално, туку и реално независни.
Ниборг е притисната да скршне од зелениот пат на својата партија и притоа да игра како што сакаат големите сили, а од друга страна сето тоа да го продаде дома, на данските гласачи, на медиумите и на премиерката (да, повторно е жена). Четвртата сезона има осум епизоди, доволно да се освежите со арктички пејзажи, со по некој трач од данската и европска политика, како и да ги сведочите предизвиците на независните медиуми. Она што е интересно ако сте ги гледале првите три, е како сите актери природно се постари, и колку тоа по ѓаволите се познава.