Биргите Ниборг, маргинална политичарка во данскиот парламент, по неочекуван сплет на настани, станува првата жена-премиер на Данска. Таа го претставува политичкиот центар во земја која има неколку силни „леви“ и „десни“ партии, со кои таа мора да тактизира, да преговара и да соработува. Овие натегања, иако се одвиваат пресофистицирано за да ги наречеме „пазарења“, сочинуваат голем дел од нарацијата, бидејќи ја претставуваат основната пречка за остварување на идеите на премиерката и нејзината партија на Модератите (умерените).
Во нејзината задача ѝ помага Каспер Јул (го игра Пилу Асбек, Еурон од „Игра на тронови“), спин-доктор кој е портретиран точно онака како што ги замислуваме сите со таква професија - итар, вмрежен, брз, но без емотивен однос кон својот работодавец, кого лесно би го заменил за оној кој нуди повеќе. Трет битен лик е Катрин Фосмарк, новинарка на националниот канал ТВ1, поранешна девојка на Каспер, која се обидува да ги одржи стандардите на својата професија, истовремено обелоденувајќи ги скандалите и задкулисните игри на политичарите.
Сепак, и тие се само луѓе, а нивните позиции често длабоко, дури и трагично се одразуваат на нивните приватни животи. Паралелно со кариерата на Ниборг го следиме и нејзиниот приватен живот, брачните и здравствени предизвици и начинот на кој јавноста се замешува и во најинтимното, децата и семејството.
Како што се развива серијата (која до сега има три сезони), така полека станува јасен рецептот - дека во секоја од епизодите би била начната некоја од горливите теми на данската но и на европската политика. Така, се запознаваме со проблемите на домородното население на Гренланд; на некогашните соработници со комунистичкиот режим; на иницијативите на десницата за регулирање на влезот на имигрантите или ускратување на нивните права; статусот на сексуалните работнички; врските на политиката со големата индустрија; улогата на Данска во европските институции. Посебно место е посветено на редакцијата на ТВ1 и врските на медиумите со политиката. Иако се фокусира на домашната политика, таа не е под стаклено ѕвоно и недопрена од долгата рака на глобалните текови, па така во сликата понекогаш се замешуваат и странски дипломати и меѓународни скандали (како на пример со измислената земја - поранешна советска република Тургистан и тамошниот поет-дисидент кој доаѓа во Данска).
И покрај сите сплетки, доколку данската политика и медиумите изгледаат барем приближно онака како што се претставени во серијата, тогаш таа е чиста како солза во споредба со онаа на Балканот. Никој - ама никој! - во преговорите не спомнува тендери, проценти или местење избори. Нема политичари кои се во затвор. Нема такви кои не помислуваат на реакциите на јавноста и на медиумите како битен играч во обелоденување на вистината. Скандал е ако премиерот платил облека на жена си со владина кредитна картичка, или ако премиерката била прегледана преку ред на ехо за рак на дојка. Таа, патем, постојано се движи на точак, а една од причините за крахот на нејзиниот брак е што нејзиниот сопруг треба да се откаже од работно место во компанија која е само под-изведувач на некаков тендер. И овој, замислете, се откажува!
Балансирајќи помеѓу како е и како треба да биде, понекогаш со малку пренагласени дидактички пораки, „Борген“ е сепак многу интригантна серија која почива пред се на главниот и силен лик на Ниборг, која во клучни моменти не прифаќа компромиси кои би ја компромитирале и неа и нејзината партија. Ја препорачуваме на нашите таканаречени спин-доктори и политичари, како знак дека на други места нивните професии се сфаќаат сериозно.
Илина, Букбокс