Изумител на бизарната атракција на „коњот што нурка“ бил Вилијам „Док“ Карвер, чиј прекар потекнувал од фактот што бил обучен за забар. Бил трапер и прецизен стрелец, но во историјата останал запомнет токму по неговите претстави со коњи.
Легендата вели дека во 1881 тој преминувал мост преку реката Плејт во Небраска кој во тој момент почнал да се руши. Неговиот коњ веднаш се фрлил во водата, а Карвер откако се повратил од шокот ја искористил случката за да измисли нов вид забава.
Неговиот син, Ал Флојд Карвер ја конструирал првата кула и скокалница. Шоуто станало постојана точка на Челичното пристаниште во Атлантик сити. Освен сиротите коњи, популарна била нивната јавачка, Сонора Вебстер, која во 1923 видела оглас со кој Карвер барал девојка која ќе се придружи на трупата. Нејзината работа било да го јава коњот додека тој не пристигне до врвот на кулата, но и да се фрли сосе него во водата, со што станала сензација и ѕвезда на шоуто.
Таа и синот на Док се засакале и се зеле, а наскоро почнале да го водат и шоуто. Во 1931, при еден настап нејзиниот коњ Ред Липс ја загубил рамнотежата на платформата и обајцата настрадале. Сонора го преживеала падот, но ослепела на двете очи поради одлепени ретини. Сепак, продолжила да ја изведува точката дури и слепа. Во 1991 излезе филм инспириран од нејзиниот живот, „Дивите срца не можат да бидат скршени“, а самиот базиран на мемоарот на Сонора, „Девојката и петте храбри коњи“.
Практиката на изложување на коњите на ваква опасност и нивна злоупотреба за комерцијални цели наишло на критика на друштвата за заштита на животни. Коњите понекогаш скокале четири пати дневно, седум дена во неделата. Волонтери ги откупиле последните нуркачки коњи. Еден од нив се појавува во епизода од 11-тата сезона на Симпсонови, во која семејството спасува таков коњ по име Данкан од злоупотребата на неговиот сопственик и го чува како милениче.