Една од најнеправедните поделби поделби помеѓу писателите е онаа на „успешни" и „неуспешни". За некои од првите малку требало да ги голтне заборавот, а пак вториве можеби не биле неталентирани туку едноставно родени во погрешно време и на погрешно место. Во оваа книга им се оддава должната почит.
Книгата на К. Д. Роуз е негово прво дело, но и помеѓу ретките, ако не и единствена од овој тип, која на едно место ги собира биографиите на 52 писатели чии имиња од разбирливи причини звучат непознато, чии ракописи биле заборавени во возови или запалени, и кои никогаш не биле признаени, ни за време на животот ни потоа. Книгата е всушност збирка на текстови објавувани на истоимен блог, во чиј вовед се вели: „Прослава на писателите кои постигнале одреден степен на книжевна пропаст. Секоја недела ќе се објавува по една кратка биографија. По една година, тие ќе бидат избришани".
За среќа, дури и да се оствари ова со бришењето, биографиите сега се објавени во книга, која дизајнерски е генијално решена - со вињетки, нешто што изгледа како златен фонт и илустрација која ја претставува изреката „перото е посилно од мечот". Во животот на претставените автори всушност сè било спротивно, ниту тие биле запишани во историјата со златни букви, ниту пак нивното перо го победил мечот на времето.
Додека ги читате приказните за луѓето за кои никогаш не сте чуле за момент се прашувате дали се тие воопшто реални или пак авторот малку ги зачинувал. „Долго време преокупиран со прашањето на книжевниот неуспех", вели тој, „почнав да наоѓам измачувачки траги на нераскажани приказни и скриени истории во правливите книги купени од втора рака и на пазарите на старини." По објавувањето на книгата се отвориле уште повеќе „чешми", преку прекажани книжевни трачеви и спомени на библиотекари и колеги-писатели низ светот, што дава добра основа за продолжување на истражувањето.
Дали сте чуле, на пример, за Казимир Адамови-Костровицки? Неговиот пријател не бил толку предан и умен како оној на Кафка, Макс Брод, кој не ја послушал последната желба на другар му, сите ракописи да му бидат запалени по смртта. Ерик Левалоа, како што се викал пријателот на Казимир, откако овој не се вратил од фронтот во текот на Првата светска војна, го запалил единствениот примерок на романот „Човекот со цветни раце", за којшто се вели дека и во обем и во стилска авангардност многукратно би ја надминал и славната „Човек без својства" на Музил и „Улис" на Џојс.
Ама има и побизарни примери: Ернст Белмер, кој страдал од чудна орална опседнатост која го привлекла вниманието и на Фројд, буквално ги изел страниците на неговиот ракопис. За да привлече внимание на неговите стихови Паскуале Фунцио одлучил да изврши самоубиство, но потфрлил во планирањето - неговата збирка песни која внимателно ја поставил до него за да биде пронајдена и објавена по смртта, се запалила од искра во станот преполн со гас.
Жените-авторки страдале од уште поголема маргинализираност. Ота Окрут, на пример, била последната која зборувала еден ботно-угарски јазик наречен кимбриски. Сите нејзини дела - историја, превод и поезија - биле составени на овој јазик, па оттаму никој не можел да ги прочита. Вероника Вас пак била криптограф во текот на Втората светска војна, и напишала пет романи, но сите со толку сложен код што дури ни славниот Алан Туринг не можел да прочита повеќе од неколку зборови. Венди Венинг пак, опседната со минимализам, го рафинирала нејзиниот роман „Празна столица", отфрлајќи ги сите придавки. Откако еднаш ќе го поминела, почнувала одново. По придавките следеле други карактеристии на текстот. Метафори, симболи, пасивен говор. На крај, ѝ останала само празна страница.
Единствена биографија во книгата за која сме скептични е онаа на Ханс Кафка, кој потполно се разочарал кога сфатил дека „гротескната приказна за инсект кој се трансформирал во човек" е неколкукратно надмината од делото на неговиот сосед Франц, со кого не бил роднина. Иако изгледа стварно постоел (го има и на слика, горе), сепак ти иде да речеш - па, дали е можно?
Повеќе неславни биографии тука