Кои се Мастерс и Џонсон?

Биографија за вистинските „господари на сексот“

Од новата серија Masters of Sex до сега сме поминале само неколку епизоди (од вкупно 12-те од првата сезона која ќе заврши во декември), но во тоа веќе гледаме почеток на едно убаво пријателство. Кои биле всушност Вилијам Мастерс и неговата асистентка Вирџинија Џонсон?

* содржи спојлери за серијата

„Господари на сексот: животот и делото на Вилијам Мастерс и Вирџинија Џонсон, парот кој ја научи Америка како да сака" е ново издание на биографијата на Томас Мајер (Thomas Maier), врз чија основа е изработен серијалот. Таа ја раскажува приказната за овие експерти за сексуална интимност, кои убедиле стотици луѓе да учествуваат во (за тоа време, а богами не би било многу различно и денес) контроверзно научно истражување, чија цел било фрлање светлина врз до тогаш табуизираната тема на физиологијата, но и психологијата на сексуалното доживување.

„Пред Сексот и градот и пред Вијагра, Америка во голема мерка зависела од Мастерс и Џонсонова, кои не научија сè што треба да знаеме за она што се случува во нашите спални соби", се вели во синопсисот за книгата. Но пред да го добијат ова признание, тие наидувале на бројни препреки, како во академската заедница, така и во пошироката јавност. И не е ни чудо - во американските педесетти на дваесетиот век атмосферата за отворен муабет за сексот уште не била созреана, а уште помалку биле созреани условите за волонтери приклучени на ЕЕГ и ЕКГ апарати, во контролирани лабораториски услови, и пред очите на истражувачите (одвоени само со темно стакло), да мастурбираат или да имаат хетеро и истополов секс. Има уште - физиолошките промени кај жените во текот на сексуалниот чин бил набљудуван и преку голем (енд ај мин - голем) фалус со прекар Одисеј направен од плексиглас, во кој имало вградена камера. Доволно радикално?

Волонтерите во парови ретко се познавале едни со други - нивните лица биле покриени со хартиени ќеси или со навлаки за перници со дупки за очите, се додека мајка му на Мастерс (!) не сошила поудобни свилени маски. Џонсон, која инаку не била медицинар по професија но бргу се сродила со темата и станала десна рака на вистинскиот доктор во двочлената екипа, влегувала од време на време во просторијата за да ги измери ерогените зони. Нејзиното учество во планирањето и изведувањето на проектот било од непроценлива важност, затоа што наспроти арогантниот и ригиден доктор Мастерс нејзиниот пристап бил пријателски и поттикнувачки. Освен тоа, таа била три пати мажена и со две деца, што ѝ овозможувало и доволно животно искуство во проучувањето на проблемите на „дисфункционалните" брачни парови.

Кога плодовите на ова истражување, бестселерот Човечка сексуална реакција, изглегол во 1966, Мастерс и Џонсонова веднаш станале славни. Шеесетите биле „деценија на преокупација со оргазмот", а книгата го опишувала токму тоа расположение кое било карактеристично за сексуалната револуција. Сепак, описите на сексуалната механика намерно биле напишани на медицинско-латински јазик: „Макулопапуларниот тип на еритематски осип најпрвин се појави кај епигастриумот..." (што и да значи тоа) - ваквите описи според Мастерс ја направиле најкупуваната, а најмалку читана книга во тоа време.

Биографијата на Маер, прв пат објавена во 2009, е некој вид „медицинска романса". Имено, веројатно поттикнати од постојаниот воајеризам, тие по некое време, на предлог на Мастерс (паметен тип) почнале да имаат секс и меѓу себе, тестирајќи ги, се разбира во име на науката, најдобрите сексуални пози и техники. Нивната врска наскоро станала јавна тајна на кампусот, а кога Џонсон почнала врска со некој друг Мастерс веднаш ја напуштил жената и двете деца и ја оженил, плашејќи се дека ќе ја загуби, и како жена, но и како верен соработник.

Проектот најпрвин се финансирал од профитот кој го правел одделот на Мастерс за лечење на стерилитет во болницата каде работел, но подоцна била формирана независна Репродуктивна биолошко истражувачка фондација, подоцна именувана како „Институт Џонсон и Мастерс". Тој се финансирал од парите кои пациентите ги плаќале за третирање на нивните сексуални проблеми (2,500 долари за двонеделна сексуална терапија), но и од донации - тие добиле 300,000 долари од Хју Хефнер, обожавател чија ќерка подоцна се придружила на бордот на институтот.

Интересна е политичката ориентација на истражувачите - и покрај сета наводна либералност на нивните истражувања, Мастерс и Џонсонова до крајот на животот биле политички конзервативци и ја бранеле „брачната унија". Мастерс гласал за Никсон во 1968, и бил републиканец со членска книшка. Џонсонова постојано ја викале да посетува феминистички собири, но таа никогаш не прифаќала, велејќи дека еманципираните жени прават мажите да се чувствуваат „неадекватно", и дека токму тоа е изворот на голем дел од машката сексуална дисфункција.

Сепак, и покрај сета слава и неколкуте последователни бестселери, во деведесетите работата почнала да им оди по надолна линија. Институтот почнал да пропаѓа под влијание на конкуренцијата. До тогаш сексот веќе станал производ кој можел масовно да се продава, а медиумите биле заситени со лекции за тоа како да се постигне подобар оргазам. Луѓето почнале да забораваат дека токму Мастерс и Џонсон помогнале да се создаде оваа нова околина на либидна самоувереност. Сега повторно објавената биографија, во комплет со серијата, нè потсетуваат на тоа.

Извор: Гардијан

 
28 ноември 2013 - 18:06