Професорот Џон Сатерланд, автор на спомнатата книга, го загубил чувството на мирис пред три години. Веројатно затоа, кога ги препрочитувал делата на Орвел, во нив почнал да забележува нешто на што до тогаш никогаш не обратил внимание - честотата на спомнување на мириси во неговите дела, како и нивниот вид и интензитет.
„Орвел се родил со необично дијагностичко чуство на мирис“, пишува тој. „Тој имал ретка способност да ги разоткрива и да ги одделува состојките кои сочинуваат некоја арома“.
Сатерленд ги раскажува познатите дела на Орвел исклучиво низ наративот на мирисот. „Ќерката на свештеникот“, експерименталниот роман на Орвел кој тој замолил да не биде препечатуван по неговата смрт, на пример, е раскажан преку мирисите на прав, влажен гипс, мирис на свеќи и евтина колонска вода. И сите нив ги има само во првото поглавје.
Необично е што Орвел успеал да го задржи одличното чувство за мирис и покрај тоа што бил доживотен тежок пушач. Но исто така необично е и толкувањето на Сатерленд на оваа опсесија со мирисите - дека Орвел бил од оние фетишисти кои според Фројд се возбудуваат од душкање и намирисување. Токму затоа процесот на негово деконструирање на ликот и делото на Орвел коментаторите го нарекуваат „назокритика“.
Во „Патот до пристаништето Виган“ Орвел зборува за ставовите на средната класа кон оние од пониските, велејќи дека трите зборови кои луѓето се срамат да ги изговорат, но кои често се слушале во неговото детство, биле „ниската класа смрди“. Од друга страна, колега на Орвел кој работел многу блиску до него во Би-би-си, изјавил дека единствен мирис полош од црниот тутун што го пушел Орвел бил мирисот на неговото тело.
И не е ни чудно - Орвел често живеел на места кадешто немало услови за перење, во друштво со кокошки и кози. Ги сакал мирисите на селото - кравите според него имале мирис на дестилат од ванила и свежо сено. Сатерленд мисли дека тоа е и причината зошто нема животни во 1984, освен стаорци, кои Орвел ги презирал. Орвеловиот кошмар е свет во кој сите убави мириси исчезнуваат, оставајќи само „смрдеа на тоталитарна опресија“.
Да можевме тука ќе ви ставевме на монитор едно парче „изгреби и помирисај“. Со мирис на варена зелка, со кој почнува спомнатиот роман.