На почетокот не била проблем жештината, туку влажноста. Во 1902 работниците во компанијата за печатење и литографија Сакет и Вилхелмс во Њујорк биле зашеметени од тешкиот летен воздух, кој освен што правел едвај да стојат на нозе, ја виткал хартијата и го уништувал отпечатеното. Млад инженер по име Вилис Кариер (Willis Carrier) решил да се зафати со предизвикот - тој измислил систем кој циркулирал воздух низ цевки, кои биле ладени со компресиран амонијак. Машината работела одлично, намалувајќи ја влажноста и овозможувајќи им човечки услови за работа на печатарите.
Но Кариер имал поамбициозна идеја. Тој почнал масовно да го произведува првиот климатизер, а корпорацијата Кариер и денес е една од најголемите за изработка на системи за вентилација, ладење и греење. Ова почнало да го менува не само производството во малите и поголеми производствени погони, туку ја моделирало глобалната продуктивност, миграцијата, па дури и политиката.
Приказната за климатизерите и уште 49 револуционерни откритија е тема на нова книга, „50 пронајдоци кои ја моделирале модерната економија“ од економистот и колумнист на Фајненшл Тајмс, Тим Харфорд. Во интервју за Атлантик тој објаснува нешто што денес ни е тешко разбирливо - колку порано било тешко работите да се оладат. Некои области во САД, како Нова Англија, извезувале мраз низ земјата, а во случај на топли зими се случувале и епидемии од тн. „глад за мраз“.
Сето ова се променило во моментот кога бил пуштен првиот еркондишн. Тие го трансформирале урбаниот пејзаж и ја промениле демографијата, овозможувајќи внатрешни миграции низ САД кон потоплите краишта. И не само во Америка, климатизерите влијаеле врз развојот на места како Сингапур или Шангај кои се неподносливи кога се влажни и топли. Постојат истражувања кои велат дека човечката продуктивност е најоптимална на 21 Целзиусов степен, што значи дека контролата на воздухот нè прави попродуктивни и ни овозможува да работиме подолго. Секако, ова има и мрачна страна - машините кои ладат ја контролираат температурата внатре, но тие придонесуваат кон глобалното затоплување, и трошат многу енергија.
Харфорд во книгата се осврнува на уште неколку изуми кои одиграле клучна улога врз развојот на денешната економија. Прво е ралото, кое ја има поттикнато земјоделската револуција. Следи грамофонот, кој овозможил популарните пејачи да бидат присутни во голем број домови во светот, претворајќи ги во глобални ѕвезди, но истовремено создал јаз во богатството кој не постоел во пред-грамофонските општества. Секако, технологијата не би можела да резултира со вакви социјални промени доколку не е поддржана од одреден политички систем на сопственост. Кога се во прашање имотните права, пак, најреволуционерен изум во таа смисла била бодликавата жица - таа им овозможила на фармерите практично со сила да ги наметнат, а потоа и остварат своите барања за приватна сопственост, и покрај тоа што на почетокот таа била во спротивност со законските одредби.
Ова, според авторот, сепак не е книга за потеклото на идеите или како се случуваат големи изуми. Некои доаѓаат од генијалци од приватниот сектор, други се поддржани од државите. Притоа, најочигледната шема е дека - таква шема нема.