Создаден од изумителката на Барби, Рут Хендлер, Кен бил дечко дизајниран од страна на жена, наменет за девојчиња и млади девојки. Исто како што Барби го добила името по ќерката на Хендлер, Кен бил крстен по нејзиниот син. Така е воспоставена „безбедната“ врска помеѓу Барби и Кен, кукли намерно дизајнирани без гениталии, за нивниот однос да се базира на пријателство а не да асоцира на еротски побуди.
Исто како што во „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Керол препознатливите структури на реалноста се извитоперени и претставени обратно од она што се, така и со Барби, „мувањето“ и машко-женските врски се реинтерпретираат така за да одговараат на женска публика. Барби е доминантната фигура во врската, таа има сè, додека Кен - целиот насмеан и на располагање - ѝ го држи чантичето.
Како придружен играч на ѕвездата Барби, Кен станува симбол на очекувањата и фрустрациите од машкоста. Барби ја одредува прекумерноста - прекумерно големи гради, долга, премногу долга коса, безброј додатоци и можни кариери. Кен е дефиниран од својот недостаток, не само на гениталии, туку на каква и да е значајна улога.
Па сепак, исто како и Барби, и тој го рефлектира реалниот свет преку својата облека, модни додатоци и способности, на тој начин станувајќи маркер на американската мода и културна историја.
Во 1960-тите, Кен беше претставен како средношколско фраерче на американската тинејџерска сцена. Преокупацијата со тоа да се биде кул но и контра-културен од 1970-тите се прелева во неговиот сурферски изглед. Во 1980-тите тој е сладок и пристоен рефлектирајќи го конзервативизмот на републиканската ера. А јасни беа неговиот „Бејвач“ - ретро стил и преокупацијата со носталгијата во 1990-тите.
Во 2004 Барби и Кен раскинаа и тоа на Валентајн. Последователната кампања за помирување, односно повторно освојување на Барби, што се случи дури во 2011, вклучи нови маркетинг стратегии и признавање на реалностите на модерните врски. Романтиката не е вечна - и Кен и Барби можат да си уживаат и без постојана и долга врска. Популарните ТВ серии од 2000-тите како „Пријатели“ и „Сексот и градот“ го покажуваа истото.
Истовремено, Кен, следејќи го водството на Барби, стана поинклузивен, и во последниве години менува етничко потекло и способности (како куклата Кен во инвалидска количка). Рајан Гослинг не е очигледното решение за новиот филмски Кен (и да, нема да му го заборавиме ова), но можеби неговото присуство ќе додаде комплексност и длабочина на овој инаку прилично „амебаст“ карактер.