Бетовен бил црн?

На Твитер деновиве циркулира статија од 2015 која ја промовира идејата дека славниот композитор имал африканско потекло. И ова не е прв пат да се потегнува муабетот, што е поинтересно отколку „вистината“ за расната припадност на Бетовен.

Теоријата за африканските корени на Бетовен циркулираат на интернет од 1990-тите, иако ваквите тврдења се уште постари и датираат уште од почетокот на 20 век. Неодамна повторно стана актуелен текст од 2015 објавен во студентска публикација на факултетот Конкордија, во кој се доведува во прашање стандардната биографија на овој композитор, дека е бел син на Јохан и Марија Магдалена ван Бетовен, чие потекло е фламанско. Марија Магдалена, моминско Кеверих, велат тие, имала маварски корени. Маврите се муслимани со темна кожа кои владееле со шпанскиот дел на Холандија околу 700 години, каде всушност и била родена и порасната мајка му на Бетовен. Тие на оваа територија биле дојдени од северна Африка преку Гибралтар.

Недостатокот на фотографии од времето на Бетовен прави да немаме увид во неговиот физички изглед. Да се ископува неговото тело за ДНК тестови само поради оваа дилема изгледа комплицирано. Единствен „доказ“ се портретите, а иако изгледа различно на повеќето од нив, тој сепак на сите е бел. Но интересно според авторите на спомнатиот текст е дека посмртната маска која се чува во родното место на Бетовен, Бон, е црна, иако ова може да се должи просто на употребениот материјал и да нема никаква врска со бојата на кожата.

Секако, има и такви во музичките и пошироките кругови дека освен „рекла-казала“ нема конкретни докази дека Бетовен бил црн, дека никој ниту во Германија, ниту во Виена го нема наречено „Мавр“, а притоа биле свесни за тоа дека постојат и Маври и мулати, како на пример Џорџ Бриџтауер, познатиот виолинист, син на татко од Карибите и германска мајка кој соработувал со Бетовен. Овој дури и му посветил соната (број 9 во А-дур), иако подоцна во животот нивните патишта се разделиле.

Сепак, приказната продолжува да се појавува од време на време, затоа што е провокативна, и така самата станува предмет на интерес. Освен тоа, ги поттикнува дискусиите за црните класични композитори, и нивниот придонес пред сè кон американската музика, како Вилијам Гран Стил (1895-1978), и неговата „Афро-американска симфонија“, една од најпопуларните американски симфонии на сите времиња.

26 јуни 2020 - 12:11