„Со солзи во очите сфаќам дека во секој чин од своето умирање Марлон стануваше бесмртен.
Но тој веројатно беше бесмртен уште тогаш, во Париз, на Пон де Паси - барем во тоа беше уверена целата екипа на „Последното танго“, хипнотизирана од неговото присуство.
Никој од нас немаше сретнато таква жива легенда, а за љубителите на филмот тој веројатно беше единствената вистинска легенда на сите времиња.
Се сеќавам на првата сцена од филмот. Викнав: „Ок, добро е“, но Уметели, камерманот, се зарумени од срам, и ми шепна, „Извини - само што го видов Брандо низ визирот се парализирав“. Моравме повторно да ја снимиме сцената.
Во Actors' Studio тој научи подобро од кој и да е друг како да се претвори во нешто друго - да стане мексикански револуционер, или член на Хелс енџелс, или њујоршки докер, или река, или дрво.
Во филмот од актерот често се бара навистина да влезе во нечија туѓа кожа. Но јас од него го барав спротивното, низ изведбата да го прикаже целото искуство на сопствениот живот, и како човек и како актер.
Откако завршивме со снимањето, ми рече: „Никогаш веќе нема да правам филм како овој. И така не сакам да глумам, ама ова беше многу полошо. Од почеток до крај се чувствував измалтретирано - интимни детали за мене, мојот живот, дури и за моите деца беа извлекувани од мене и експонирани во светот“.
Потоа не ми зборуваше околу 12 години, и тоа страшно ме измачуваше, правејќи длабоко да се сомневам во себеси и мојата работа.
Потоа еден ден му се јавив, и ме држеше на телефон два часа. Почнавме повторно да зборуваме како некогаш, а имаше многу да се надомести - Марлон беше ѓаволски љубопитен за сè.
Последен пат го видов пред неколку години во неговата куќа на Мулхоланд Драјв, во два попладне. Муабетевме и муабетевме; наскоро стана осум и падна ноќ.
Во мракот го прашав дали некогаш разбра колку бев заљубен во него.“
Бернардо Бертолучи, 5 јули 2004
Претходно: Режисери кои малтретирале актерки заради добра сцена