Викендов се појави снимка од интервју на славниот режисер на „Последното танго во Париз“ од 2013 во кое тој признава дека антологиската сцена со путерот била снимена без согласност од тогаш 19-годишната Марија Шнајдер, макијавелистички правдајќи си ја постапката со резултатот - незаборавно филмско дело, кое отсега ќе се гледа со други очи. Реакциите разбирливо не стивнуваат. Но ова сепак е далеку од осамен пример на режисери кои доведувале во опасност или малтретирале актерки заради „повисока цел“.
Шели Дувал поминала низ пекол додека бил правен „Сјаење“ на Кјубрик. Напорното снимање со режисерот-пицајзла траело повеќе од една година, од кои девет месеци Дувал минувала и по 12 часа плачејќи за потребите на филмот. „Од мај до октомври бев постојано болна заради стресот од улогата“, изјавила таа во книгата „Комплетниот Кјубрик“.
Режисерот им забранил на другите на сетот да сочувствуваат со неа, и им наредил да ја остават да се мачи бидејќи така била поуверлива за улогата. Бидејќи филмот се снимал по хронолошки ред, и гледачот сведочи за распадот на личноста на Дувал како што се развива дејствието. За да му докаже на Кјубрик колку ѝ е лошо таа собирала цели прамени коса кои ѝ паѓале од стрес, но тоа не помогнало. За една од познатите сцени од филмот - со бејзбол палката - тој ја враќал 127 пати. Дури и Џек Николсон подоцна ја опишал нејзината работа како најтешка што воопшто ја видел помеѓу актерите, заради тоа што 40 проценти од филмот таа била „хистерична“.
Миа Фароу во „Розмариното бебе“ на Полански била исто така трауматизирана - тој од неа, инаку строга вегетаријанка, барал да јаде жив џигер од кокошка за една сцена. И покрај тоа што се согласила, не знаела дека сцената ќе мора да ја снима десетина пати. За бељата да биде поголема, документите за развод од тогашниот сопруг Френк Синатра ѝ биле врачени на сет, пред целата екипа.
И Хичкок бил познат по малтретирање актерки и на снимање и во приватниот живот (за шамарањето на Џејн Фонтејн пишувавме тука). „Никогаш не сум рекол дека актерите се стока. Само реков дека треба да бидат третирани како стока“, изјавил еднаш. Кулминацијата ја постигнал на снимањето на „Птици“, кога не ѝ кажал на Типи Хедрен дека во една сцена наместо дотогашните механички птици ќе употреби вистински. Таа го напуштила снимањето кое траело цели пет дена испогребана и емоционално пореметена.
Режисерот на „Тексас масакр со моторна пила“ не само што ги преплашил гледачите кога го измислил манијакот Ледрфејс, туку ги извадил од памет и актерите кога не им го открил неговиот изглед до моментот кога камерите почнале да снимаат, за да ја регистрира нивната природна реакција. Хансен, кој го играл човекот под кожна маска изјавил дека сцената со вечерата, во која главната актерка Сели Хардести е врзана за столче, неа, а и голем дел од екипата, ги довела до раб на лудило. Ќе ве поштедиме од видеото...
Ларс фон Трир, уште еден од славните, не само што го бие глас дека се однесува насилнички кон глумиците, туку дека и преку неговите женски ликови покажува колку всушност ги мрази жените. Бјорк после снимањето на „Танчер во мракот“ изјавила дека веќе никогаш нема да работи со него, и дека на Трир актерките му требаат за на филмовите да им дадат душа, а тој „им љубомори и ги мрази заради тоа“. Меѓу неговите „жртви“ е и Никол Кидман - „Не мислам дека ја малтретирав снимајќи го Догвил“, изјавил тој, „но таа тврди дека сум бил многу тежок“.