„Се омажив прва, добив Оскар пред Оливија, а ако умрам прва таа сигурно ќе биде бесна дека и во тоа ја победив", изјавила Џоан Фонтејн, помалата сестра на Оливија де Хевиленд („Однесено со виорот"). Така и би - Џоан почина вчера (15. декември) на 96 годишна возраст, а на 97 Оливија е уште жива.
Најпозната како една од русокосите музи на Хичкок, таа во 1941 била номинирана за Оскар за улогата во „Ребека“, а следната година и го добила Оскарот за „Сомнеж" (каде глуми и Кери Грант) со што станала единствениот добитник на престижната награда за улога во филм на Хичкок.
Нејзиниот блед тен, меки црти и исплашен поглед ја правеле идеална за мелодрамите од 40-тите на минатиот век. Кариерата и тргнала кога на некоја забава случајно седнала до продуцентот Дејвид О. Селзник, кој ја поканил на напорна аудиција која траела цели шест месеци, заедно со стотина други актерки, пред да ѝ ја додели улогата во првенчето на Хичкок, „Ребека", во кој партнер ѝ бил Лоренс Оливие. Интересна е критиката која веднаш по премиерата ја добила во Њујорк Тајмс: „Госпоѓица Фонтејн не глуми само со нејзините очи, уста, раце и со нејзините зборови, туку и со нејзиниот р'бет. Веројатно не е етички да се критикува нечија изведба анатомски. Сепак инсистираме дека Фонтејн има најекспресивен р'бет, и рамења, како што забележавме оваа сезона".
По дебито снимила повеќе од 30 филмови со режисери како Вајлдер („Танцот на императорот") и Фриц Ланг („Без основано сомнение"). Најхрабрата улога и била во „Остров на сонце" од 1957, каде имала меѓурасна романса со Хари Белафонте. Седум јужњачки градови го забраниле филмот по закани од Ку Клукс Клан.
Фонтејн изјавила дека го напуштила Холивуд откако од неа било побарано да ја игра мајка му на Елвис Присли. „Не дека имав нешто против Елвис, но тоа не беше моето ниво". Имала долго ривалство со повеќе филмски диви од нејзината генерација, но сепак најголемото било со нејзината родена сестра, Оливија. Кога во 1947 Оливија го добила нејзиниот прв Оскар за „На секого неговото", Фонтејн ѝ пристапила да ѝ честита, но сестра ѝ ја откачила. Коментарот на оние кои ги познавале бил дека така се однесувале уште од деца.
Во автобиографијата No Bed of Roses Фонтејн открила детали за нејзините четири брака, но и за нејзините хобија кои покажуваат еден поинаков лик од оној на ранлива русокоса. Таа била добар пилот, а учествувала и во меѓународна трка со балони. Легендата вели дека тешко ѝ одело да се расплаче на филм, па за една таква сцена во Ребека ја замолила колешката Џудит Андерсон да ѝ удира шамари пред да се вклучат камерите. Кога Андерсон одбила, тоа со задоволство го сторил Хичкок.
Трејлерот за „Ребека"