Наградата за филозофија и култура Бергруен се доделува секоја година од 2016. Востановена е со амбиција да претставува „Нобел за филозофија“, а до сега ја имаат добиено неколкумина значајни теоретичари, помеѓу кои Американката Марта Нусбаум (либерална теорија, феминизам), Австралиецот Питер Сингер (применета етика и биоетика) и Јапонецот Коџин Каратани (политичка филозофија и книжевна критика). Целта, според официјалниот сајт, е да се промовираат големи постигнувања во развивање идеи кои го моделираат светот.
Фондацијата што ја доделува наградата е воспоставена од филантропот Николас Бергруен, а лауреатот е избран од независно жири составено од меѓународно признати автори, филозофи и поранешни добнитци на Нобеловата награда. Ново од оваа година е проширувањето на листата со уште една награда, за најдобар есеј, со што според организаторот ќе се поттикне ново, оригинално мислење.
Оваа година добитничка е социологот Патриша Хил Колинс. Родена 1948 во Филадефија, таа била единствено дете на фабрички работник и секретарка, а растела во доминантно црно и работничко маало. Откако дипломирала социологија и магистрирала педагогија, таа најпрвин шест години предавала во основно училиште во Бостон. По докторирањето 23 години работела на Универзитетот во Синсинати. Во 2008 станала 100-тиот претседател на Американското социолошко здружение, прва црна жена која била избрана на оваа позција во 104 годишната историја на организацијата.
Нејзините истражувања се фокусирале на дотогаш игнорирани арени на политичко дејствување и пружање отпор на центрите на моќ. За нејзино пионерско дело се смета „Црната феминистичка мисла“ од 1990, а има пишувано за хип-хопот, расизмот и родот. Нејзин главен аналитички концепт е „интерсекционалноста“ според кој различните извори на привилегија или дискриминација не треба да се разгледуваат изолирано, туку во нивната комбинација (расна, класна припадност, род, сексуалност, религија итн.).
Колинс за наградата била избрана помеѓу стотина номинирани, а ќе ја добие наградата на свеченост во Вашингтон во 2024-та.