Во перформанс кој траел 438 часа, Мајкс Попе (Mikes Poppe) неодамна се врзал со триметарски синџир вграден среде мермерен блок, во просторија во судот во Остенд, крајбрежен град во Белгија.
Попе, кој јадел, спиел, се миел и цртал додека седел така врзан, во меѓувреме требало секој ден да делка по малку од мермерот, за најпосле да се ослободи.
„Ова парче мермер е симбол на историјата, на историјата на уметноста, од која сакам да се ослободам“, велел тој на почетокот од „проектот“. За по 19 дена да сфати дека малку се преценил и дека ќе мора да викне помош.
Под наслов Де Профундис, перформансот бил дел од поголема изложба и се пренесувал во живо онлајн. Заклучокот и на авторот и на публиката е дека од товарот на историјата и времето нема бегање. Барем не без брусилица, хидрауличен чекан или куп вешти физички работници при рака.