И покрај сета прецизност на неговите детално разработени нарации, Чарлс Дикенс бил неуреден писател. Неговите ракописи се полни со дамки од мастило, со речиси нечитливи чкртаници кои меандрираат по страниците. За да биде работата уште покомплицирана, многу сакал да употребува вид стенографија или скратено запишување кое датирало од 1700-тите. За да си го усогласи на потребите, му додал сопствени хаотични модификации, за да создаде нешто што самиот го нарекувал „ѓаволски ракопис“.
Како љубител на кодови и гатанки, големиот викторијански писател користел хиероглифи за да води белешки и да ги препишува своите писма и документи, од кои голем дел изгорел. Неговите проучувачи долго време се мачеле да ги протолкуваат десетте ракописи кои преживеале.
Минатата година експертите зад проектот Кодот на Дикенс објавиле јавен повик за помош. Тој се однесувал на аматери кои би вложиле време и знаење за да одгатнат еден од овие документи - мистериозно писмо кое се чува повеќе од еден век во Њујоршката библиотека. Напишано е со сино мастило на хартија со лого на Тависток Хаус, адреса во Лондон каде Дикенс напишал едно од своите дела.
Наградата не била голема - 300 фунти - но затоа пак предизвикот бил голем. Учесниците биле советувани да користат водичи за „брахиграфија“, сега застарениот систем на скратен запис кој го користел Дикенс. Тие добиле пристап и до тетратка во која тој објаснува, но со карактеристична неодреденост, некои од симболите. Така, @ му значело about (во врска со), a специфично аглесто латинично т му значело „исклучително“ (extraordinary). На крај само 16 луѓе од цел свет дошле до резултат. Ниту едно од нив не било целосно.
Иако се очекувало дека станува збор за загубена кратка приказна, всушност се работи за автобиографски запис, за човек кој дошол на раскрсница во својот љубовен живот и истовремено наишол на проблеми во книжевната кариера, па сега бара врски по судови за помош.
Датирањето на текстот, кој во моментов е 70% дешифриран, навистина покажува дека тоа е тежок период за Дикенс. Неговиот брак е распаднат поради гласини за афера со 18-годишна актерка (види претходно „Дикенс сакал да ја смести жена си во лудница затоа што си фатил помлада“). Обидувајќи се да си го спаси брачниот живот тој објавува гневен оглас во „Хаусхолд вордс“, списанието коешто го уредува, опишувајќи ги гласините како „крајно неточни, монструозни и најсурови на свет“. И не е ни чудо што бил очаен, имајќи предвид дека не бил при пари, а требало да прехранува љубовница и 10 сопствени деца. Истовремено влегол во судски спор со партнерите од списанието кои имале различни бизнис планови од него. Дешифрираното писмо е најверојатно обид да се добие поддршка од познаник во однос на настанатата ситуација.
Наградата од 300 фунти ја добил Шејн Бегс, компјутерски инженер од Калифорнија кој ги разрешил повеќето од симболите. Тој возбудено изјавил дека со оглед на тоа што цел живот добивал тројки по англиски, никогаш не сонувал дека ќе направи нешто од интерес на проучувачите на книжевноста.