Пред вработениот на рецепција во локалниот мотел застанал маж со изглед на некој што не сака да биде забележан - бејзбол капче спуштено до работ на наочарите со златеста рамка, коса собрана во репче, откопчана кошула и каубојски чизми. Исто како и многупати претходно, тој платил за својата соба во парички, купчиња уредно спакувани четврт долари во хартивчиња.
Во 1980-тите, полицијата во Охајо, а подоцна и Еф-би-ај, потрошиле години бркајќи го човекот со репчето. За разлика од други криминалци, тој не користел пиштол, не бил насилен и не малтретирал невини луѓе. Неговиот криминал се состоел во пробивање на кутиите со монети на 1 милион и 800 илјади јавни телефони низ Америка.
Користејќи средства кои ги збунувале и најголемите експерти, „бандитот од говорницата“ успеал на ваков начин да собере некаде помеѓу 500.000 и 1 милион долари.
„Освен ако некому не му се посреќи, веројатно никогаш нема да биде фатен“, изјавил одговорниот за безбедност на телефонската компанија Охајо Бел за Лос Анѓелес Тајмс во 1987. „Тој е добро организиран, паметен и што е најважно, не е алчен. Секој ден празни само неколку говорници на голема оддалеченост една од друга. Секогаш внимава дали околу него има полициско возило или возило на телефонска компанија“.
Денес користењето јавен телефон со паричка звучи како нешто од историски документарец или од криминалистички филм, каде „лошите“ ги користат за нивниот повик да не биде лоциран. Не сме толку стари, ама ги памтиме и телефоните на парички и картичките кои следеа. Никогаш не сме слушнале некој кај нас да се обиде да ја крши кутијата, бидејќи од тоа и не би се офајдил многу. Но очигледно овој „криминалец“ не мислел дека 150-те долари, максимумот што го собирале американските јавни телефони, биле за потценување.
Човекот се викал Џејмс Кларк, машинист со не толку јасно минато. Во 1968 наводно бил уапсен поради планирање некаква шема со партнери во Европа за производство на лажни банкноти во вкупен износ од 50 милиони долари. Бил фатен и осуден на 3 години затвор.
Околу една деценија подоцна тој направил нова, помалку амбициозна, но очигледно поефикасна шема. Нарачал да му се изработат брави како оние на кутиите од телефоните, како и браварски алатки за нивно отворање. Иако различни оператори имале различни конфигурации, тој се фокусирал на оние кои биле наједноставни. Системот му бил следен: најпрвин, со помагало кое можел да го протне низ процепот на кутијата проценувал колку пари има внатре и дали вреди да се отвора. Ако кутијата била полна, ја кревал слушалката и се преправал дека зборува. Наведнат над говорницата успевал да работи на неа, а му биле потребни околу 15 минути. Тогаш ја отворал кутијата со ситното и го менувал капакот. Телефонот продолжувал да работи без кутијата и без никаква назнака дека некој ја има извадено. Се додека службеникот од телефонската компанија не се обидел да ги извади парите, што се случувало понекогаш и една недела подоцна.
На почетокот немало ама баш никакви ознаки според кои би можело да се заклучи кој и како ја врши оваа операција. Дури во 1985 некој опишан како „информатор“ укажал на Кларк, кој имал и сопруга и возрасна ќерка кои живееле во Акрон, но самиот тој повремено исчезнувал. Кога полицијата му го испитала комбето, внатре нашла делови од брави и алатки.
Ова било доволно за издавање потерница, што покренало лавина дојави, но ниту една од нив не била корисна. Дури во 1988 Еф-би-ај успева да го уапси во Калифорнија. Тој се предал без противење и добил најмалку една казна од три години затвор. Кога го затвориле имал 50 години. Починал во 2012, а еден од оние кои оставиле порака во книгата на ожалостени го опишал како „мислител и практичар“.