Британската куќа Пафин Букс, издавач на оригиналните книги за деца на Роалд Дал, меѓу кои најпознати се „Чарли и чоколадната фабрика“ и „Матилда“, почна да воведува промени во терминологијата користена во нив.
Цензурирани се стотина зборови, вклучително описи на ликовите, расите и родовите. Промените опфатиле најмалку 10 од 19 книги за деца на овој автор кој почина во 1990. Во 2020, Нетфликс ја купи компанијата Роалд Дал Стори која управува со авторските права на оставштината на Дал. Но портпаролот на компанијата, Рик Бехари, објаснил дека „ревизиите“ на авторовите дела започнале и пред оваа купопродажба.
„Кога се објавуваат нови печатени изданија на книги напишани пред многу години, не е невообичаено да се прегледа јазикот кој се користи, сосе ажурирање на останатите детали, вклучително и корицата на книгата и изгледот на страниците“, тврди Бехари, додавајќи дека на тоа работеле со издавачката куќа. „Нашата водечка мисла беше да се задржи приказната, ликовите, како и духот и бунтот на изворниот текст“.
Промените за кои се известува вклучуваат описи на ликови кои веќе не содржат „погрдни“ зборови како „дебел“, а мајките и татковците се ажурирани како „родители“ или „семејство“. Компанијата воспоставила партнерство со Инклузив Мајндс, организација која се залага за разноликост во детската книжевност.
Од издавачката куќа не сакале да ги коментираат промените. Само спомнале дека не ги пишувале или уредувале текстовите туку само се осигурале дека ќе го дадат својот придонес кога е во прашање рецензирањето на јазикот, кој според нив може да биде штетен и да содржи опасни стереотипи.
Во одбрана на оригиналните дела на Дал застанаа голем број писатели, меѓу нив и Салман Ружди. Со критики истапи дури и британскиот премиер Риши Сунак, но издавачот се уште не одговорил на нив.
Инаку на Дал, кој во животот бил отворен антисемит, критиката не му била непозната, бидејќи неговите дела секогаш се нарекувани несоодветни и антифеминистички. Но тие сепак биле читани и претворени во филмови. Така, книгата „Чарли и фабриката за чоколади“ два пати е адаптирана за филмови, во 1971 и 2005, а новиот филм би требало да се појави оваа година.
Aпдејт: Издавачот ќе направи ДВЕ верзии од серијата книги, па децата да си бираат...