Адамс се заинтересирал за овие теми откако во 1985 заминал за Мадагаскар заедно со зоологот Марк Карвардин, за да напише репортажа за загрозениот мадагаскарски лемур аје-аје за списанието Observer Colour Magazine. Соработката помеѓу нив продолжила со серија радио документарци за Би-би-си под наслов „Последна шанса да се види", снимени на разни локации низ светот, а посветени на животински видови кои се на граница на истребување, како планинската горила од Заир или крзнестата фока од јужниот брег на Чиле.
Во 1990 излегла и книга со истиот наслов, во која се опишани авантуритe низ кои поминувало дуото, нормално со хумористичен тон, како во овој извадок во кој Адамс го опишува Нов Зеланд: „Ако ја земете цела Норвешка, го истресете сиот лишај и сите ирваси, ако ја преместите дeсетици илјади милји подалеку и ја исполните со птици, тогаш залудно ќе си го трошите времето, затоа што тоа некој веќе го направил".
Во американската верзија некои од дијалозите се избришани, како на пример кога Адамс во Австралија го прашува д-р Струан Сатерленд, експерт за рептили, дали има некое посебно отровно суштество кое му е омилено, а докторот одговара: „Имав, ама ме напушти".
Во 2009 Би-би-си продуцирала телевизиски серии на истата тема, во кои на местото на тогаш веќе починатиот Адамс се појавува Стивен Фрај, кој дваесет години подоцна ги посетува истите места, за да види што се случило со овие видови и со жалење да констатира дека некои од нив веќе ги нема.
Во прилог оригиналната емисија (30 мин) за речниот делфин од Јанг-це. Хајлајц: Даглас, по совет на снимателот, во локална кинеска продавница бара нешто гумено и еластично за да го покрие микрофонот кога ќе снима под вода. „Кон-дооомс“ ѝ објаснува тој на продавачката, во комбинација со „ни треба за делфини“. Бесценето!
(горе: корица на изданието на книгата од 2012 со предговор на Ричард Доукинс)