Шинџи Сузуки го сретнал Такуо Тода во 1999, на врвот на планина на југот на Јапонија. Тода, раководител на Здружението за оригами летала бил таму за да лансира голем хартиен авион од кула која ја изградил на врвот специјално за оваа намена.
Тода го убедил тамошниот општински совет да му дозволи изградба на 25 метарска кула, со поглед од 360 степени на околните планини, како споменик на оние чие хоби се токму хартиените авиони. Станува збор за еден вид музеј, на чиј прв спрат има изложба на прецизно свиткани модели со оригами техника, додека на горниот кат има тераса со некој вид „писта“ за полетување на авионите. Кога Сузуки прв пат го сретнал Тода, овој лансирал два метра долг хартиен модел, направен според вселенскиот шатл Дискавери. Тогаш Тода му рекол дека би сакал да го лансира хартиениот авион од вистинска вселенска станица, а сите присутни се изнасмеале на шегата.
Но Сузуки, кој е професор по авијација на Токискиот универзитет, го сфатил ова сериозно. Во 2008 тие двајца најавиле проект за лансирање авиончиња од Меѓународната вселенска станица. Секако, за да не изгорат, тие се обложени со специјален материјал и имаат контролирана траекторија, за да можат да одбегнат да согорат кога повторно влегуваат во Земјината атмосфера. До сега лансирањето не се случило, но се работи на случајот. Во меѓувреме Тода се обидува да го сруши рекородот од 30 секунди лет на хартиен авион - најблиску стигнал во 2010 со правоаголен дизајн на авион кој во воздух останал цели 29,2 секунди. Постојат и други рекорди кои треба да бидат срушени - во април 2023 трио аеронаутички инженери воспоставиле рекорд за најдалечно фрлање хартиен авион од над 88 метри, надминувајќи го претходниот за цели 12 метри.
Ова не е само некаква детска игра на тестирање на границите на хартиените авиончиња, туку таа има врска со нашата желба за истражување и објаснување на комплексниот свет на аеродинамиката.
Од кинеските aeронаутички пионери, преку Леонардо Да Винчи, хартиените авиони им помагале на раните инженери и научници да ја истражат механиката на летот. Британскиот авијатичар сер Џорџ Коли наводно го има изработено првиот хартиен авион кој е сличен по спецификациите на оние модерните во раните 1800-ти, како дел од неговите лични експерименти со аеродинамиката. Повеќе од еден век подоцна, пред нивниот славен лет во 1903, браќата Рајт креирале хартиени модели и потоа ги тестирале во примитивен воздушен тунел, кој бил вториот некогаш изграден во САД.
Хартиените авиони и денес ги откриваат тајните на летот. Тие служат како извор на инспирација не само за авијациските ентузијасти, туку и за инженерите кои ги проучуваат сложените ефекти на воздухот врз мали летала, како дроновите.
Таков проект се одвива на Универзитетот Корнел, во лабораторија на проф. Џејн Ванг, која е полна со хартиени моделчиња кои летаат низ просторијата. Она што некому му изгледа како детска игра е всушност дел од сериозен експеримент. Откако авиончето ќе падне, истражувачите ги анализираат податоците и ги менуваат својствата за да обезбедат подолг и постабилен лет. Тие се надеваат дека овие податоци во иднина ќе послужат за поквалитетни минијатурни дронови и други роботички направи.