Bookbox

Звукот на чукање на машина

Оваа апликација ќе воодушеви два типа луѓе: оние кои младоста ја поминале куцкајќи новински текстови на стара Олимпија и тоа со два прста, и оние кои сакаат тастатурата да им звучи така, за да ги нервираат колегите и домашните.

Книги со чувства

Фино клипче-реклама за австралискиот огранок на Ашет. Секое од нивните 12 промовирани изданија е поврзано со чувство,од имагинација (писмата на Џон Ленон), преку копнеж (готвач од Пјер Дакан), до забава (сликовница за Капетан Кенгур).

Да ти го свирнам

Кушкој е село во Понтијските планини во Турција, близу брегот со Црното море. 500-те жители одгледуваат чај и бадеми, и...свиркаат.

Речник во чекор со животот

Колинс, еден од познатите речници на англискиот јазик, бара помош од јавноста за да биде во тек со сленгот, особено оној кој се развива онлајн.

Не е Мунк, ама е крик!

За овој проект ви се потребни: камера која се активира кога некој ќе вресне, и врескач. Останатото се фотографии од тие фини, катарзични моменти.

Јадења за книжевни јунаци

Фото серија на графичката дизајнерка Дина Фрајд, со наслов „Фиктивни оброци" - она што го јадат ликовите во некои од познатите дела.

Најден во сликовницата

Ова е многу покул отколку боенките со Црвенкапа од моето детство, или сегашниве со Ноди и Спајдермен. 23 илустрации, со ликот и делото на Бил Мареј.

Нобеловците меѓу народот

Леон Ледерман, добитникот на Нобелова за физика, на свои осумдесет и кусур си седнува на прометна улица во Њујорк и Чикаго и одговара на прашања на минувачите.

Платон, Јелена и Алан Форд

Неодамнешниот скандал на катедрата по филозофија во Ниш, каде едно од прашањата на приемниот бил наслов на песна на Карлеуша, уште еднаш го поттикна муабетот за „елитната" наспроти „ниската" култура, и онаа која ја нарекуваме „општа". Добро бре, прашува Теофил Панчиќ, сте чуле ли вие на журка да се пеат Платоновите greatest hits?

Украдена скулптура на Хенри Мур

Сончевиот часовник на познатиот британски скулптор украден е од имотот околу бившата куќа на уметникот, сега музеј, а се претпоставува дека тоа е само уште една кражба на отворено кои ги вршат препродавачи на бакар.

„Оваа машина убива фашисти"

Човекот кој меѓу двете светски војни ја оживеа американската фолк музика, правејќи ја ангажирана и урбана, и со тоа поставувајќи ги темелите на она што подоцна ќе го наречеме рокенрол, е роден на денешен ден, 14. јули, 1912.

„Волшебникот од Оз: големиот и моќниот"

Базиран врз ликовите од детската книга „Прекрасниот волшебник од Оз" на Л. Френк Баум, филмот на Сем Раими е некој вид приквел кои довеле до настаните во познатата приказна.

Фаренхајт 480?

Во моментите кога имаме чувство дека единственото што е потребно за градов да се самозапали е еден искричав поглед, ја преиспитуваме температурата на самозапалување на хартијата. Да знаеме уште колку фора имаме пред да викаме пожарна.

Филип Глас на Тајмс Сквер

Кога ќе чуете „флешмоб" веројатно прво помислувате на група тинејџери кои играат на „Трилер" среде трговски центар, или на некаков камерен оркестар кој свири класично дело среде метро. Ама 200 души кои изведуваат дело од Филип Глас, специјално создадено за оваа прилика?

Цел град виртуелна библиотека

Клагенфурт во Австрија до скоро немал јавна библиотека, па одлучил самиот да се претвори во неа.

Како звучи Хигс?

Што се случува кога податоците кои укажаа на постоењето на бозонот ќе бидат претворени во ноти? Ова личи на хабанерата од „Кармен“, или на некоја весела етида за пијано.

16 жанрови, 1 песна

Во клипче од три минути снимено во еден кадар, преку „Прекрасен свет" на Луј Армстронг, ги следиме повеќето фази низ кои има поминато музиката, од грегоријанското пеење (10 век), до дабстепот (21 век). Како тргнало, песнава за некоја година нема веќе да се препознава.

Ода за млечни производи

Доволно е тешко кога се составува државна или спортска химна, ама Британците имаат поголема мака. Тие деновиве треба да изберат национална химна за - сирење!

Магнетната индукција на национализмот

Дел од текстот на Саша Илиќ за трендот на ексхумација и повторно закопување на српските великани „по законите божји". Сега на ред е пепелта на Никола Тесла.

Вејтс кај Летерман

Вчера (9.7) Том се појави во Лејт шоу, прв пат изведувајќи во живо песна од новиот албум Bad As Me, со син му Кејси на тапани. Нормално, не издржа малку да го зачини интервјуто, презентирајќи еден чуден, немузички артефакт.

Роберт де Ниро за Роберт де Ниро

Еден од помалку познатите факти од животот на славниот актер е дека татко му, Роберт Хенри де Ниро сениор, бил сликар-експресионист. Во овој текст синот зборува за нивниот по малку резервиран, но сепак длабоко емотивен однос, како и за почитта кон уметничкото наследство на татка си, за кого сега снима и документарец.

Преводот и човечката состојба

Јазикот е пронајдок кој одиграл суштинска улога во нашето формирање како посебен, човечки вид. Еве еден фин книжевен трејлер на оваа тема.

Робија наместо книга

Кога чувме за тоа дека во Бразил била воспоставена програма според која за секоја прочитана книга затвореникот може да добие наградно скратување на казната, помисливме дека идејата е супер. Но воопшто не се сетивме и на обратната можност - да лежиш апс наместо да читаш. За среќа има кому му текнува..

Денот на добри вести

Кога денот ќе ви тргне со омекнато срце, целиот интернет кова завера тоа така и да продолжи.