Не е за пиромани и канцелариски работници

Фаренхајт 480?

Во моментите кога имаме чувство дека единственото што е потребно за градов да се самозапали е еден искричав поглед, ја преиспитуваме температурата на самозапалување на хартијата. Да знаеме уште колку фора имаме пред да викаме пожарна.

Насловот на една од најпознатите книги на неодамна починатиот Реј Бредбери, Фаренхајт 451, се однесува на температурата (232,7 во Целзиуси) на која хартијата почнува да гори без да биде подложена на надворешен пламен. Но вистината е дека не постои дефинитивна согласност околу ова. Експерименталните протоколи се разликуваат, а температурата на самозапалување на кој и да е цврст материјал зависи од неговиот состав, волумен, густина и облик, како и времето на изложеност на висока температура. Најновите обиди во оваа смисла покажуваат дека Бредбери сепак не бил во право, и дека вистинската температура на самозапалување е 480 Фаренхајта (248 според Целзиус). За споредба, бензинот се самозапалува на 536F/280C, а јагленот на 660F/348C.

Со еден збор, ако ставите хартија на 250 степени во рерна, потенки парчиња хартија веројатно ќе пламнат за неколку минути, а тоа за подебела книга ќе оди потешко, бидејќи густиот материјал во центарот на книгата одолева и на повисока температура. Весниците полесно се палат од онаа филтер-хартија која се користи во лабораториите. Списанијата со сјајна хартија изгледа се најотпорни на самозапалување, бидејќи нивната хартија е релативно густа и обложена со тенок слој пластика - повеќето пластики се самозапалуваат на повисоки температури од хартијата.

И уште нешто - откако ќе се самозапали, хартијата ја зголемува нејзината температура, и во еден момент во центарот таа може да достигне и 800 степени. Претпоставката за можната „грешка" на Бредбери е дека тој користел хартија која содржи вештачка свила или памук. Како и да е, не се обидувајте да го проверите ова, барем не додека и онака е пеколно.

13 јули 2012 - 12:02