156 години од раѓањето на Тесла

Магнетната индукција на национализмот

Дел од текстот на Саша Илиќ за трендот на ексхумација и повторно закопување на српските великани „по законите божји". Сега на ред е пепелта на Никола Тесла.

На ексхумациите и на повторните закопувања им нема крај. Сега е на ред пепелта на Никола Тесла која се чува во неговиот Музеј во Белград. Иницијативата за нејзино погребување „по законите божји" ја покрена пред шест години група владици, за минатиот декември да ја обнови друштвото „Св. Сава", со предлог урната со пепелта на Тесла да се закопа пред храмот на Св. Сава на Врачар. Навистина, магнетната индукција на национализмот на ова грижливо уредувано белградско плато постојано расте. Од една страна ја покажува кризата на светоста, а од друга вишокот проблеми со минатото. Настојувајќи со децении да ја решат оваа сложена равенка, СПЦ и САНУ истрајуваат на својата платформа за идентитетните политики која најголемата сила ја црпат токму од подземниот национален капитал. На нивна среќа, српската политичка елита, демократската или радикално-напредњачката, секогаш е отворена за овој вид популизам кој има несогледливи последици.

Урната со пепелта се чува од 1957. во Музејот на Никола Тесла. Донесена е во Белград по смртта на Теслиниот роднина Сава Косановиќ, кој располагал со неговата заоставнина и кој донел одлука неговите земни остатоци да се кремираат. Како дел од меморијалната збирка, во Музејот се чуваат и посмртната маска, како и отисокот од десната рака на Тесла. Сè се тоа примамливи предмети за црквата. Нека одат по ѓаволите сите негови реквизити со кои произведувал електрицитет, само нека ни ја дадат пепелта, мислат владиците. Ќе направат тие од тоа на Врачарското плато поголема атракција од бежичниот пренос на струја на далечина. Така мисли и неизбежниот академик Матија Бечковиќ, поет и управител на погреби (Киш, Џилас и др.): „Мислам дека и по законот е обврзно земните остатоци да ѝ се предаваат на земјата, а не да се чуваат по куќи. Ако тоа се однесува на сите, зошто не би се однесувало и на Никола Тесла. Тој е потомок на 40 свештеници по таткова и мајчина линија, од кои двајца биле владици. Така, тој е вистински син на српската црква. Погребан е, па подоцна ваден од гробот и спалуван како и св. Сава"...

Тесла бил единствен никулец на образованиот систем на Хазбуршката монархија, кој како научник се афирмирал во Америка. По определување бил Југословен. Агностик. Никогаш не му било гајле за црквата. Да било онака како што сакале свештениците, а најмногу неговиот татко, тој никогаш не би станал она што е. Би талкал по Лика во мантија и би светел водичка. Би исртувал дијаграми по песокот за кој само би насетувал што можат да значат. Интересно е Теслиното сведочење за мигот на просветлување кој го доживеал при една прошетка пред заоѓање на сонцето во Будимпешта. Тој момент Тесла не се сетил ни на Његош, ни на Мажураниќ, туку на Гетеовиот Фауст: Денот е при крај, тоа сè подалеку сјае/ита друг да оживее свет/О крилјата да можеа да ме кренат од тлото/ па по него, вечно, да го управувам својот лет! Нацртаната скица на песокот подоцна во Америка ќе ја развие во патент на индукциски мотор. Токму тој пронајдок ќе продолжи да го фасцинира модерниот свет до ден денешен.

Кога во 2005. во Белград дошол Џек Вајт, фронтмен на The White Stripes, прво го посетил музејот на Никола Тесла. Притоа изразил чудење зошто еден Музеј кој е посветен на генијалецот на електротехниката не е помодерно уреден. Никој нема дадено поразумен коментар околу оставнината на овој научник. Не знам што му одговориле луѓето од Музејот. Секако се жалеле на немаштија и негрижа на државата.

На врв на сè, барањето на владиците и на друштвото Свети сава да се изврши апропријација на урната со пепелта на Тесла од Музејот, и Тесла ретроактивно, во светлината на постјугословенските идентитетски пракси да се прикаже како вселенски изум на светосавството, делува во најмала рака несмасно. Затоа што момчето од Смиљан стана Никола Тесла кого го познава и го почитува современиот свет дури откако бескомпромисно раскина со семејните традиции и со светосавството. И тоа е мерка на еманципацијата која денешните „гатачи по пепелта" во Србија не можат да ја сфатат.

автор: Саша Илиќ
фото: урната на Тесла
извор: Новости
 

10 јули 2012 - 10:55