100 години од раѓањето на Вуди Гатри

„Оваа машина убива фашисти"

Човекот кој меѓу двете светски војни ја оживеа американската фолк музика, правејќи ја ангажирана и урбана, и со тоа поставувајќи ги темелите на она што подоцна ќе го наречеме рокенрол, е роден на денешен ден, 14. јули, 1912.

Роден во тешката провинција на Окема, Оклахома, Вуди до тинејџерските години имал добро образование и релативно богат живот, но пожарот кој го зафатил имотот на неговото семејство, и кој најверојатно го подметнала неговата психички болна мајка, го означил крајот на овој идиличен период. Од својата 14. година, вооружен со апсолутен слух, талкал и пеел. Економската криза од '30-тите на дваесетиот век, како и природната катастрофа потпомогната од човекот - огромни песочни бури предизвикани, меѓу другото и од непримената на техники за спречување на ерозијата - придонеле и тој да се најде меѓу 400,000 луѓе кои мигрирале во потрага по спас. Во 1936. преминува во Калифорнија каде на едно либерално радио пее главно стари фолк песни, и пишува колумни под наслов „Woody Sez" (Вуди вели) во комунистичкиот дневен весник The Daily Worker, со што стекнува нов, сериозен профил меѓу интелектуалците од тоа време. Иако често го прашувале дали бил член на Комунистичката партија на САД, неговиот одговор бил: „Не, но секогаш живеев во црвено".

Во 1940. заминува за Њујорк и ги прави дебитантските студиски снимки, циклус песни посветени на сиромашните кои пребегнале пред пропаста на Средниот Запад, објавен како пакет од 3 винили на 78 вртежи - сигурно првиот концептуален албум кој кога и да бил снимен. Во исто време ја напишал и својата најпозната песна - This Land is Your Land - како одговор на тогаш новата и често пуштаната God Bless America на Ирвинг Берлин, чиј патриотски патос го сметал за лажен. Објавена дури 1944, оваа песна е често истакнувана како една од најсилните патриотски песни на сите времиња, и покрај иронијата на Вуди кон каква и да е национална/националистичка идеологија. На неговата гитара пишувало „Оваа машина ги убива фашистите", и притоа не мислел само на оние од германска страна.

Во текот на својот живот, до заболувањето од Хантингтон, Вуди Гатри напишал 2500 песни, од кои се снимени само 300, а не се сочувани записи затоа што тој едноставно не знаел да пишува ноти. Од нив повеќето се за социјалните неправди, но има и некои чудни, за летечки чинии, Ингрид Бегман, кошарка и атоми. Има повлијаено врз редица подоцнежни рок херои, од Боб Дилан до Брус Спрингстин, кои го наведуваат како нивен учител.

По повод 100 годишнината од неговото раѓање низ светот се организираат различни трибјути. Смитсонијан фолквејс, непрофитната продуцентска куќа на Институтот Смитсонијан, издаде монографија „Вуди на 100", со 3 ЦД-иња кои содржат 57 песни, од кои шест претходно непознати, како и првите, неодамна откриени снимки на Гатри од 1939. Џони Деп, заедно со Даглас Бринкли, литературниот агент на Хантер С. Томпсон, во 2013 планираат да го издадат претходно необјавениот роман на Гатри „Куќа од земја", кој го опишува животот на еден пар од западен Тексас, кој се обидува да изгради дом и да се заштити од суровото невреме, борејќи се против алчноста на банките и градежните компании.

И по 45 години од неговата смрт, гласот на Гатри останува еден од најзабележителните во историјата на музиката, но и на поезијата. Неговите песни ги разбирале сите, а тој пак го навистина го мислел секој збор од нив. Во време кога приказната за економската криза, дерикожите во форма на компании, банки и држави стануваат сè пожилави, потребата некој тоа да го соопшти со остриот јазик на „народот", на обичниот човек, станува сè поголема.

14 јули 2012 - 11:47