Кога почина татко ми (1993), го зачував неговото студио онакво какво што беше. Дури и алиштата кои ги имаше земено од хемиско, кои висеа во ќеси во шифоњерите. Мајка ми му го даде студиото - кое на почетокот се состоеше од два стана - а јас сакав тој да остане во семејството. Кога се родија моите три сина, сега тинејџери, ги носев таму еднаш на неколку години да видат што правел нивниот дедо, и да добијат вистинска слика што постигнал и како живеел. Можете да фотографирате и да документирате, но не е исто како кога ќе го сочувате недопрен неговиот работен простор.
Имав поставено некои од неговите дела во моите ресторани, влучувајќи ги Локанда Верде, Трибека Грил и пет или шест дела во Нобу на улицата Хадсон. Татко ми никогаш не им веруваше на дилерите со уметнички дела, освен на еден, Лери Саландер, и иронично е што токму тој сега е во затвор заради искористување на татко ми. Но татко ми се согласи да ги изложи неговите дела во рестораните, а потоа го замолив да го дизајнира менито во Трибека грил и некои од подметнувачите за чаши во Нобу, и тој го стори тоа а јас бев изненаден. Луѓето ми кажуваа дека седел со пријатели во сепаре во Трибека Грил и бил горд на неговите дела кои висеа таму. Тие се импресивни, и тој навистина напорно работеше на нив.
Кога имав 5 години, бев во Мејсис да го видам Дедо мраз, но кога се вратив дома имаше огромен пожар во станот на мајка ми, па некои дела беа загубени. Тогаш не живеев со татко ми, туку со мајка ми и го гледав еднаш на неколку недели, или понекогаш налетував на него на улица и разговаравме. Постоеше врска помеѓу нас, но не онака, да одиме да играме бејзбол заедно. Тој беше уметник и живееше сам. Ме носеше во кино, како на Кинг Конг и други црно-бели филмови во уметничките кина на 42. улица. Се обиде и неколку пати да ме наслика, кога бев помал, ама не седев мирен. Иако бев горд на тоа што го прави татко ми, на времето не бев заинтересиран за тоа. Бев многу зафатено дете, си го живеев животот, и не мислев за семејните работи. Сега кога имам деца и внуци, секогаш им велам колку е важно да се искористат моментите кои сега посакувам да ги имав искористено со татко ми. Секогаш сакаше да ме води на отварање на изложба, но кога бев мал тоа не беше нешто што сакав да го правам. Сега како минува времето, мислам дека требаше да се согласам.
Кога имав 17, на татко ми му одеше многу добро и сакаше да оди во Франција. Неговата проштална забава се одржа на бродот Кралицата Мери. Сакав да патувам и сакав да одам во Европа, па околку една година подоцна се обидов да добијам работа во Merchant Marine (флота на трговски бродови на САД во приватна сопственост), но не бев доволно силен, бев четврти клас гимназија. Не можев да напредувам, па на крај се качив на Ајслендик Ерлајнс до Европа, а потоа со автостоп стигнав до централна Франција, во долината на Лоара, каде живееше тој, и останав со него една недела.
Повторно заминав таму по околу две години, и се обидов да го убедам да се врати во Њујорк бидејќи чувствував дека го губи чекорот во кариерата. Во еден момент бев на левиот брег и земав со мене слики да им ги покажам на сопствениците на галериите, кои би можеле да го промовираат. Но ништо не излезе од тоа. Исто така, тој немаше нервен слом, но нешто му се имаше случено во Франција. Тоа беше уште една причина зошто сакав да го вратам, и конечно го убедив да се качи на авион и да си дојде дома.
Иако тој живееше во сопствен свет, не знаев многу за неговиот социјален живот, освен она што ми го кажуваше мајка ми. Но сега правам документарец за него, и зборувам со голем број негови современици за да добијам подобра идеја за тоа кој бил. Никогаш не бев соочен со неговата сексуалност, но мајка ми подоцна ми кажа за тоа. Тоа беше дел од неговиот живот, и тој не зборуваше многу на таа тема. Иако знаев некои работи, не сакав да се наметнувам и никогаш не прашував за нив. Но некаде во мојот ум имав одредено чувство. Не знаев дали е бисексуалец или геј, еден дел од него како да беше дури и делумно асексуален, не сум сигурен.
Многу личам на татко ми. Кога го снимав „Беше еднаш во Америка" се сликавме еден наспроти друг. Со време научив да подвлекувам дека со оглед на истите имиња, јас сум јуниор а тој сениор, но се уште многумина мислат дека неговите дела се мои. Мислам дека тој беше делумно горд на мојот успех, но истовремено и малку завидлив, а јас пак се чувствував делумно виновен заради тоа, но не доволно за да не бидам свесен колку прекрасни беа неговите дела. Иако не сум објективен како негов син, знам дека тоа е прекрасно и големо дело.
Некои работи во однесувањето ни се исто така слични. Тој секогаш беше резервиран. Имаше карактер, но беше луциден и отровен. Многу саркастичен во врска со некои нешта, особено во врска со уметниците кои не ги почитуваше. Исто така ги исмеваше луѓето кои се фолираат и зборуваат со лажен акцент. На пример „Џени од Бруклин" ја викаше „Жан-и од Бруклин".
Но имаше некаков ѕид помеѓу мене и него кој би сакал да не постоеше. Тој беше егоцентричен и се грижеше само за тоа што сакаше да го прави, но мислам дека кога сте уметник морате да имате одредена доза себичност за да бидете сами и да создавате големи дела за ваше задоволство. Умре од рак на простата кога имаше 71 - на неговиот роденден, кај мајка ми. Умре додека го монтирав Bronx Tale (режисерско деби на Роберт де Ниро јуниор, посветен на татко му). А беше дијагностициран кога го завршивме „Разјарениот бик". Татко ми знаеше дека е добар уметник, но дел од него се чувствуваше недоволно ценет. Некоја уметност се цени повеќе во други историски времиња, и тоа може да се случи и со него. Не знам. Само знам дека морам да ја зачувам, и дека и моите деца треба да помогнат во тоа, да ја сочуваме на најдобар можен начин за идните генерации.