Кога студентката по археологија Луси Ајрленд Греј го подигнала од земја првиот список за купување со непознат ракопис, почнало нејзиното необично колекционерство, најпрвин во родниот град Херфордшир, а потоа и пошироко низ Британија. Кога собрала над 300 примероци веќе имала материјал за цела изложба, која наскоро ќе се отвори во Музејот на брендовите во Лондон.
Таа вели дека ова ѝ е начин да ѕирне во животите на непознати луѓе, замислувајќи мали приказни базирани на списоците. Таа го нарекува своето ексцентрично хоби „форма на археологија“, бидејќи процесот е сличен: наоѓаш забатален артефакт и почнуваш да градиш некаква слика базирана на него. Списоците најчесто ги наоѓа на земја, понекогаш се валкани и со отисоци на стапалки, но често и во корпи за отпадоци, во колички за пазарување или заборавени на полиците. Неодамна нашла еден кој бил внимателно пресвиткан во квадратче и напикан во дупка помеѓу цигли.
Списоците обезедуваат увид во потрошувачките навики но исто така откриваат како луѓето ги составуваат листите. Очигледно во Британија често се користат однапред испечатени списоци кои само треба да се штиклираат. Високо котираат и жолтите стикери, но има и импровизации, на пример картон искинат од кутија житарици. Голем број од луѓето пишуваат со големи печатни букви, а има и одлично организирани кои го прават списокот согласно рутата во конкретен супер-маркет, за да бидат поефикасни.
Најчести производи се леб и млеко, по што следат јајца и путер. Најчесто не станува збор за некакви „егзотични“ потреби, можеби затоа што таквите потрошувачи повеќе купуваат онлајн. Често може да се погоди кое јадење го имале на ум кога ги купувале состојките. Авокадото е изненадувачки популарно но мал број од луѓето знаат како се спелува на англиски. Има и кратенки, на пример ST значи sanitary towels (хигиенски марамчиња). Еден список до секој производ има слатки детски цртежи, точно како што правел Микеланџело кој ги цртал за да му помогне на својот неписмен слуга. Има и интимни, на пример такви на кои пишува „Љубов, еден куп!“ или „Многу те сака мама“.
Интересно е што и покрај порастот на купувањето онлајн и правењето белешки на телефон, овие списоци преживуваат. За среќа, затоа што се навистина интересни и покажуваат како луѓето навистина живеат, наспроти гламурозната слика која главно сакаат да ја остават на социјалните мрежи. Списоците според авторката на изложбата се „освежувачки чесни и по малку ранливи“.
Изложбата „Мемориски помагала: списоци за купување“ ќе се отвори во Музејот на брендови во Лондон на 8 октомври.