За да погледнете во „душата“ на морска краставица, не ја гледајте в лице, затоа што таа и го нема. Она што повеќе ќе ви открие за ова суштество е неjзиниот прекрасен, мултифункционален анус.
Задницата на морската краставица е многу повеќе од излезна дупка за дигестивен отпад. Тоа е истовремено и уста која џвака парчиња алги; лажно белодробно крило низ кое се разменува гас со околнaта вода; и оружје кое во опасни ситуации може да испушти цела мрежа внатрешни органи за да ги зароби предаторите. Може да биде и привремен дом за мали рипчиња кои влегуваат и се шеткаат во задникот кога тој се отвора за да дише. Не би било неточно морската краставица да се опише како неверојатен анус, кој само случајно има тело околу него.
Но овој орган генреално не го добива признанието коешто го заслужува. Во момент кога ќе се каже „анус“ веднаш станува непријатно. И ова важи дури и во областа на науката - нема многу научници кои јавно можат да се изјаснат како „најголемите познавачи на ануси“. Ова пак нè оддалечува од разбирање на еден фундаментален аспект на нашата биологија.
Појавата на анусот се случила кога дигестивно ќесе со една дупка се претворило во отворен тунел. Така суштествата со анус можеле физички да ги одделат дејствата на јадење и одење по нужда, со што се намалил ризикот од контаминација на дигестивниот тракт со фекални бактерии. Истовремено, веќе не било потребно да се заврши варењето на едно јадење пред да се проголта друго, со што се складирало повеќе енергија. Неколку животни го претвориле својот анус во мултифункционално „швајцарско ноже“, а други пак си отвориле два ануса, за секој случај. Ова резултирало со продолжување на должината на организмите, а тие и почнале да се движат на нови начини.
Една од најстарите хипотези вели дека анусот и устата всушност се производ на истиот отвор, кој се издолжил, потоа се продлабочил во центарот и на крај се поделил. Новоформираниот анус потоа некако се преселил во задниот дел на телата на животните. Оваа теорија посебно ни се допаѓа и заради целата поетска метафоричност - дека зборовите кои излегуваат од устата можат да бидат „срање“.
И не само тоа. Желките, како и спомнатите морски краставици, дишат низ својот газ. Скорпиите со млаз низ анусот се „катапултираат“ за да не бидат фатени од предатор, но потоа трагично ја губат можноста да исфрлаат измет и умираат со полн стомак. Но некои од најинтригантните комбинации се „клоаки“ - репродуктивен тракт со единствен отвор кој исфрла и измет, и урина, и јајца и сперма. Тие се присутни меѓу птиците, рептилите и амфибиите, а нивната внатрешна архитектура е прилично софистицирана.
Друг пат кога некого ќе сакате да наречете некого „шупак“ помислете на тоа колкаво чудо е нашиот дигестивен систем, и колкава улога има кралот анус во сето тоа.